×

Свето Писмо (Гаврилова) 1990

Битие 24

1
А Авраам беше веќе стар и во години, Господ го беше благословил во сѐ.
2
И му рече Авраам на слугата свој, на најстариот во домот негов, кој стоеше над целиот негов имот: »Стави ја раката своја под бедрото мое
3
и ќе те заколнам во Господа Бога на небото и Бога на земјата, дека нема да земеш жена за синот мој од ќерките Хананејски, меѓу кои живеам,
4
туку дека ќе отидеш во земјата моја, каде што се родив, во родот мој, и ќе му доведеш жена на синот мој Исака оттаму.«
5
А слугата му рече: »Можно е девојката да не сака да појде со мене во оваа земја; ќе го одведам ли синот твој во земјата, од која си се иселил?«
6
А Авраам му рече: »Гледај да не го одведеш синот мој таму.
7
Господ, Бог на небесата и на земјата, Кој ме зеде од домот на таткото мој и од земјата, каде што сум роден, и Кој ми рече и ми се заколна, велејќи: ‚Тебе и на потомството твое ќе му ја дадам оваа земја‘, Он ќе испрати ангел свој пред тебе, и ти ќе доведеш жена за синот мој оттаму.
8
Ако, пак, девојката не сака да појде со тебе во оваа земја, тогаш нека ти е проста клетвата моја; само синот мој не праќај го таму!«
9
И ја стави слугата раката своја под бедрото на Авраама, господарот негов, и му се заколна во тоа.
10
Потоа слугата зеде десет камили од камилите на господарот свој, зеде и од драгоценостите на господарот свој со себе, па кога стана, се упати во Месопотамија, во градот Нахоров.
11
И ги остави камилите надвор од градот, покрај изворот, приквечерина кога жените излегуваат да полнат вода.
12
И рече: »Господи, Боже на господарот мој Авраама, испрати ми ја денес во пресрет онаа, која ја барам, и направи му милост на господарот мој Авраама.
13
Еве, јас ќе стојам крај овој извор, и ќерките на градските жители ќе дојдат да налеат вода.
14
И на која девојка ќе ѝ речам – ‚Наведни ја стомната своја да пијам‘ – а таа ќе рече – ‚На, пиј, и камилите твои ќе ги напојам – додека се напивам‘, неа си ја определил за слугата твој Исака; и по тоа ќе разберам дека си му направил милост на господарот мој Авраама.«
15
И додека тој уште зборуваше во себе, а ете Ревека, ќерката на Ватуила, синот на Мелха, жената на Нахора, чиј брат е Авраам, дојде со стомната на рамо.
16
А беше многу убава девојка, која човек уште не беше познала. Таа слезе при изворот, ја наполни стомната, па појде угоре.
17
Тогаш слугата излезе пред неа и рече: »Дај ми да се напијам малку вода од стомната твоја!«
18
А таа одговори: »Еве, пиј, господару.« И брзо ја спушти стомната на раката своја, и му даде да пие, чекајќи додека не се напие.
19
Па рече: »И на камилите твои ќе им налеам додека сите не се напијат.«
20
Па брзо ја истури стомната своја во поилото, и пак отрча до изворот да ја наполни, и им налеа на сите камили негови.
21
А човекот ја гледаше со восхит и молкум, но сакаше да узнае дали го благословил Господ патот негов или не.
22
А откако камилите се напоија, човекот изведи златни наушници, тешки поливина сикла, и две гривни за нејзините раце, од десет сикли злато.
23
Ја запраша и рече: »Чија ќерка си? Кажи ми, има ли во куќата на таткото твој место за преноќевање?«
24
А таа му одговори: »Јас сум ќерка на Ватуила, синот на Мелха, која му го роди на Нахора.«
25
И уште рече: »Има при нас многу слама и храна; а и место за ноќевање.«
26
Тогаш човекот се наведна и Му се поклони на Господа,
27
па рече: »Нека е благословен Господ Бог на господарот мој Авраама, Кој не го остави господарот мој без Своја милост и Својата правда спрема господарот мој. Господ ме доведе по прав пат во домот на братот од господарот мој.«
28
Девојката, пак, отрча и сето ова го кажа во домот на мајката своја.
29
А Ревека имаше брат, по име Лаван. Лаван побрза кон човекот крај изворот.
30
Откако ги беше видел наушниците и гривните на рацете од сестрата своја и чул кога сестра му Ревека рече – вака ми рече човекот – тогаш појде кај човекот; а тој стоеше со камилите при изворот.
31
И рече: »Ела ти, кој си благословен од Господа; зошто да стоиш надвор? Јас ја приготвив куќата; а има место и за камилите.«
32
Тогаш човекот влезе во куќата; му ги растоварија камилите, и им дадоа слама и сено – храна на камилите, а му донесоа и вода за нозете негови и за луѓето, кои беа со него.
33
И им поставија леб да јадат. Но тој рече: »Нема да јадам додека не кажам за што сум дојден.« И му рекоа: »Зборувај!«
34
Тогаш рече: »Јас сум слуга Авраамов.
35
Господ го благослови господарот мој многу, та стана голем; и му даде овци и говеда, сребро и злато, и слуги и слугинки, и камили и осли.
36
А Сáра, жената на господарот мој, под старост му роди син на господарот мој, и тој му го даде целиот свој имот.
37
Мене, пак, ме заколна господарот мој, велејќи – ‚Немој да му доведеш на синот мој жена од ќерките Хананејски, меѓу кои живеам;
38
туку појди во домот на таткото мој и во родот мој, и земи жена за синот мој.‘
39
А јас му реков на господарот мој: ‚Можеби девојката не ќе сака да појде со мене!?‘
40
А тој ми рече – ‚Господ, пред чие лице одев, ќе испрати ангел Свој со тебе, и ќе ти го покаже патот твој до целта и ти ќе земеш жена за синот мој од родот мој, од домот на таткото мој.
41
Тогаш ќе ти биде проста клетвата моја, кога ќе отидеш во родот мој; а ако не ти ја дадат, ќе бидеш ослободен од клетвата моја.‘
42
И кога дојдов денес при изворот, реков: ‚Господи, Боже на господарот мој Авраама, ако си ме упатил на прав пат, по кој одам,
43
еве, јас ќе застанам крај изворот, и на девојката, која ќе дојде да налее вода, ќе ѝ речам – »Дај ми да се напијам малку вода од стомната твоја«, –
44
а таа ми одговори – »Еве ти пиј; и на камилите твои ќе им налеам« – таа нека биде жена, која што Господ ја определил за слугата Свој Исака; и по ова ќе разберам дека си му направил милост на мојот господар Авраама.‘
45
Јас уште не го изреков тоа во срцето свое, а Ревека дојде со стомната на рамо, и слегувајќи на изворот, налеа; а јас ѝ реков – ‚Дај ми да се напијам.‘
46
И таа брзо ја спушти стомната на раката свој и рече – ‚Еве, пиј ти; и камилите твои ќе ги напојам.‘ – Се напив, и камилите мои ги напои.
47
Тогаш ја прашав и реков: – ‚Чија ќерка си?‘ А таа одговори: – ‚Јас сум ќерка на Ватуила, синот на Нахора, кого му го роди Мелха.‘ Тогаш ѝ ги ставив наушниците и гривните на рацете нејзини.
48
Па се наведнав и Му се поклонив на Господа; и Го благословив Господа Бога на господарот мој Авраама, Кој ме поведе по правиот пат да ја земам ќерката од братот на господарот за неговиот син.
49
А сега кажете ми: Ќе му направите ли милост и правда на господарот мој, или не? Ако, пак, не сакате, кажете ми, и јас ќе тргнам надесно или налево.«
50
А Лаван и Ватуило одговорија: »Од Господа дојде ова; ние не можеме да ти кажеме ни лошо, ни добро.
51
Ете, Ревека е пред тебе, земи ја, па оди, и нека му биде жена на синот од твојот господар, како што рекол Господ.«
52
А кога ги чу слугата Авраамов зборовите нивни, Му се поклони на Господа доземи.
53
Потоа слугата извади работи златни и сребрени, и облека, и ѝ ги даде на Ревека; а и на братот нејзин и на мајката нејзина им даде подароци.
54
Па јадеа и пиеја тој и луѓето, кои беа со него, и ноќеваа. А утредента кога станаа, тој рече: »Пуштете ме да се вратам при господарот мој!«
55
А братот нејзин и мајка ѝ рекоа: »Нека остане девојката кај нас макар уште десетина дена, па тогаш одете.«
56
Но тој им рече: »Не задржувајте ме кога Господ го благослови мојот пат; пуштете ме да си одам кај господарот мој!«
57
А тие рекоа: »Да ја викнеме девојката, и да ја прашаме, што ќе рече таа.«
58
И ја повикаа Ревека, па ѝ рекоа: »Сакаш ли да одиш со овој човек?« А таа одговори: »Сакам.«
59
И ја пуштија Ревека, сестрата своја, и слугинките нејзини, со слугата Авраамов и луѓето негови.
60
Ја благословија Ревека и ѝ рекоа: »Сестро наша, да се умножиш на илјади и илјади, и потомството твое да завладее во градовите над непријателите твои!«
61
И стана Ревека со слугинките свои, и се качија на камилите, и тргнаа со човекот. Така слугата ја зеде Ревека и си отиде.
62
А Исак беше дошол во Беер Лахај Рој, зашто живееше во јужниот крај.
63
Приквечер излезе Исак во полето да се прошета, па ги крена очите: а тоа – ете, камилите идат.
64
Ревека, откако ги подигна очите свои и го виде Исака, слезе од камилата
65
и го праша слугата: »Кој е оној човек, што преку полето ни доаѓа во пресрет?« А слугата одговори: »Тоа е господарот мој.« – Тогаш таа зеде превез, па се покри.
66
И му раскажа слугата на Исака сѐ што беше направил.
67
Тогаш Исак ја одведе Ревека во шаторот на Сáра, мајката своја, и таа му стана жена, и му омиле.
Macedonian Bible 1990
Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016 Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
:
Зачувајте белешки