Но змијата беше полукава од сите ѕверови полски, што ги создаде Господ Бог; па ѝ рече на жената: »Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниедно дрво во рајот?«
И жената, гледајќи дека родот на дрвото е добар за јадење, и убав за гледање, и дека дрвото е пожелно поради знаењето, набра род од него и јаде, па му даде и на мажот свој, та и тој вкуси.
На змијата, пак, ѝ рече Господ Бог: »Затоа што си го направила тоа, проклета да си меѓу сите животни и сите ѕверови полски; помешечки ќе се влечеш и прав ќе јадеш сѐ до крајот на својот живот!
А на жената ѝ рече: »Ќе ти ги умножам и преумножам маките кога си бремена; со болки ќе раѓаш деца, и ќе бидеш под власта на мажот свој, и тој ќе ти биде господар!«
Па потоа му рече на Адама: »Бидејќи ја послуша жената и вкуси од дрвото, од кое ти забранив и реков: – не јади од него – затоа земјата нека биде проклета поради тебе; со мака ќе се храниш од неа сѐ до крајот на својот живот;
И рече Господ Бог: »Ете, Адам стана како еден од Нас, знаејќи што е добро и што е зло; но сега да не ја испружи раката своја и да земе од дрвото на животот, и да вкуси, па да заживее вечно!«
Откако, пак, го изгони Адама, постави на исток пред градината Едем херувим и огнено оружје, кое се вртеше и натаму и наваму, за да го пазат патот кон дрвото на животот.