×

БИБЛИЈА (Свето Писмо) MKB 1999

Битие 7

1
Тогаш Господ му рече на Ное: „Влезете: ти и сето твое семејство во бродот, зашто видов дека единствено ти си праведен пред Мене во ова време.
2
Земи со себе од сите чисти животни по седум двојки: машкото и неговата женка.
3
Исто така од небесните птици по седум двојки - машкото и женката - за да им се запази семето на земјата.
4
Зашто, по седум дена, ќе пуштам дожд на земјата: четириесет денови и четириесет ноќи, та ќе го истребам од лицето на земјата секое живо суштество, што сум го создал.”
5
Ное направи сè, како што му нареди Господ.
6
Ное имаше шестотини години кога потопот дојде на земјата.
7
И пред потопните води влегоа во бродот со Ное: неговите синови, неговата жена и жените на неговите синови.
8
Од чистите животни и од животните што не беа чисти, од птиците, од сè што лази по земјата,
9
влегоа по две - машко и женско - во бродот, со Ное, како што Бог му заповеда на Ное.
10
А на седмиот ден, потопните води заплискаа врз земјата.
11
Во оној ден - на шестотата година на Ноевиот живот, во вториот месец, во седумнаесеттиот ден на месецот - бликнаа сите извори на бездната, се отворија сите небесни брани.
12
И дожд удри да паѓа по земјата четириесет денови и четириесет ноќи.
13
Во оној ден влегоа во бродот Ное и неговите синови: Сим, Хам и Јафет, Ноевата жена и трите жени на Ноевите синови со нив;
14
тие, и сите видови животни: добитокот, лазачите што ползат по земјата, птиците и разновидни крилести суштества,
15
влегоа во бродот со Ное, по две од сите суштества што имаат во себе жива душа.
16
Сè што влезе беше двојка: машки и женски пол од сите суштества, како што Бог му нареди на Ное. Тогаш Господ ја затвори вратата зад него.
17
Поројниот дожд паѓаше на земјата четириесет денови; водите растеа постојано и го носеа бродот: се дигна високо над земјата.
18
Водите надоаѓаа бујно над земјата и растеа високо, а бродот пловеше по површината.
19
Водите поплавуваа сè посилно и растеа над земјата, така што ги покрија сите највисоки планини под небото.
20
Водите се креваа петнаесет лакти над потонатите планини.
21
Загинаа сите суштества што се движеа по земјата: птиците, добитокот, ѕверовите, сите лазачи и сите луѓе.
22
Сè што имаше животно дишење во своите носалки - сè што беше на копното - загина.
23
Беше истребено секое суштество од земјината површина: човекот, животните, лазачите и небесните птици, сè беше збришано од земјата. Останаа само Ное и оние што беа со него во бродот.
24
Водите се задржаа над земјата сто и педесет денови.
Macedonian Bible (MKB) 1999
Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands
:
Зачувајте белешки