×

Свето Писмо (Гаврилова) 1990

Битие 8

1
И си спомна Бог за Ноја, и за сите ѕверови и сиот добиток, што беше со него во ковчегот; и навеа Бог ветар на замјата, и водите запреа.
2
Изворите на бездната и окната небески се затворија, и дождот од небото престана.
3
Водата почна постепено да опаѓа на замјата, и по сто и педесет дена намали.
4
И се запре ковчегот во седмиот месец на седумнаесеттиот ден на ридовите од планината Арарат.
5
Водата, пак, опаѓаше сѐ повеќе до десеттиот месец; и во првиот ден од десеттиот месец се покажаа врвовите на планините.
6
А по четириесет дена го отвори Ное прозорецот на ковчегот, што го беше направил;
7
И пушти гавран, да види дали се повлекла водата на замјата и, откако одлета, не се врати додека не се исуши водата.
8
Потоа пушти гулаб, за да види дали исчезнала водата од лицето на земјата;
9
но гулабот, бидејќи не најде каде да застане со своите нозе, се врати кај него во ковчегот, зашто уште имаше вода по целата земја; и Ное ја спружи раката, го фати и го зеде кај себе во ковчегот.
10
Почека уште други седум дена, и повторно го пушти гулабот од ковчегот.
11
Гулабот се врати кај него приквечер, и тоа, во клунот со свеж маслинов лист; така позна Ное дека опаднала водата од земјата.
12
Почека потоа уште седум дена, и одново го пушти гулабот, а тој повеќе не му се врати.
13
Во шестотини и првата година, во првиот ден од првиот месец на Ноевиот живот, ја снема водата од земјата; и Ное го отвори покривот, и ја виде земјата сува.
14
А на дваесет и седмиот ден, од вториот месец, целата земја беше сува.
15
Тогаш му рече Господ Бог на Ноја:
16
»Излези од ковчегот, ти и жената твоја, а со тебе и синовите твои, и жените на синовите твои;
17
сите животни, што се со тебе од секое суштество, од птиците, добитокот и сите влекачи што лазат по земјата, изведи ги со себе, нека се растурат по земјата, и нека се плодат и множат на земјата!«
18
И излезе Ное, а со него и синовите негови, и жената негова, и жените на синовите негови;
19
сите ѕверови, и сиот добиток и сите лазачи, сите птици – сѐ што се движи по земјата, според родот нивни, излегоа од ковчегот.
20
И Му направи Ное жртвеник на Господа; зеде од секој чист добиток и од сите птици чисти, и принесе на жртвеникот жртви сепаленици.
21
И Господ го почувствува мирисот пријатен, па рече Господ Бог, помислувајќи: »Нема повеќе да ја проколнувам земјата поради човекот, зашто помислите на срцето човечко се зли уште од младини; и нема повеќе да ги уништуам живите суштества, што ги создадов.
22
Отсега, па сѐ дури постои земјата, нема да престанат сеењето и жнеењето, студот и горештината, летото и зимата, деновите и ноќите.«
Macedonian Bible 1990
Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016 Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
:
Зачувајте белешки