БИБЛИЈА (Свето Писмо) MKB 1999
|
| 1 |
| По Сауловата смрт Давид се врати дома откако ги победи Амаликците. Два дена помина во Сиклаг. |
| 2 |
| На третиот ден дојде некој човек од Сауловиот логор, со скинати облеки и со глава посипана со прав. Откако дојде кон Давида се фрли на земја и му се поклони. |
| 3 |
| Давид го праша: „Од каде доаѓаш?” А тој му одговори: „Избегав од израелскиот логор.” |
| 4 |
| А Давид го праша: „Што се случило? Раскажи ми!” Тој одговори: „Народот избега од бојот, а многу луѓе и изгинаа. Мртви се и Саул и неговиот син Јонатан.” |
| 5 |
| Тогаш Давид го праша младото момче: „Како знаеш дека загинаа Саул и неговиот син Јонатан?” |
| 6 |
| А младиот гласоносец одговори: „Случајно дојдов на гората Гелвуе и го видов Саула како се опрел врз своето копје, а бојните коли и коњаниците го настигнуваа. |
| 7 |
| Саул, обѕрнувајќи се, ме здогледа мене и ме повика, а јас му се одѕвав: ‘Еве ме!’ |
| 8 |
| И тој ме праша: ‘Кој си ти?’ А јас му одговорив: ‘Амаликец сум.’ |
| 9 |
| Тогаш тој ми рече: ‘Дојди ваму кај мене и убиј ме, зашто ме опфати смртен грч, а душата е уште сета во мене!’ |
| 10 |
| Пристапив кон него и му зададов смртен удар, зашто знаев дека нема да преживее по паѓањето. Потоа ги зедов круната што му беше на главата и нараквицата што ја имаше на раката и, еве, му го донесов тоа на својот господар.” |
| 11 |
| Тогаш Давид ги грабна своите облеки и ги раскина, а исто така и сите луѓе кои беа со него. |
| 12 |
| И тажеа, плачеа и постеа до вечерта за Саула и за неговиот син Јонатан, за Господовиот народ и за Израелевиот дом што изгинаа од меч. |
| 13 |
| Потоа Давид го праша младиот гласник: „Од каде си ти?” А тој одговори: „Јас сум син на еден придојденик, Амаликец.” |
| 14 |
| Тогаш Давид му рече: „Како не се боеше да дигнеш рака за да го убиеш Господовиот помазаник?” |
| 15 |
| И Давид повика едно од момчињата и му заповеда: „Дојди тука и погуби го!” Момчето го удри, и тој умре. |
| 16 |
| А Давид уште му викна: „Твојата крв врз твојата глава! Твојата уста сведочеше против тебе кога рече: ‘Јас го убив Господовиот помазаник.’” |
| 17 |
| Тогаш Давид ја запеа оваа тажачка за Саула и за неговиот син Јонатан. |
| 18 |
| Запишана е во Праведниковиот книжен свиток, за да ја учат Јудините синови. Давид рече: |
| 19 |
| ”О, како ти падна славата, Израелу, изгинаа јунаци на твојата височина! |
| 20 |
| Не раскажувајте вие за поразот во Гат, не разгласувајте по аскалонските улици, за да не воскликнуваат младите филистејски ќерки. |
| 21 |
| О проклети Гелвујски Гори, роса да не паѓа врз вас, ниту дожд од небото да ве мие! Вашите полиња да не враќаат род за семе, зашто кај вас е исфрлен штитот на силните! Сауловиот штит не беше помазан со масло |
| 22 |
| туку со крвта на ранетите, со маста на паднатите! Јонатановиот лак никогаш не промашил, Сауловиот меч никогаш не беше неуспешен! |
| 23 |
| Саул и Јонатан, љубезни, сложни ни живи не се разделија, ниту во смртта! Беа побрзи од орлите, со снага посилни од лавовите! |
| 24 |
| Ќерки Израелки, сега плачете по Саула, зашто ве облекуваше во убаво црвено! Покрај тоа тој ви прицврстуваше златен накит на облеката. |
| 25 |
| Како загинаа јунаците сред бојот, Јонатан загина на твоите височини! |
| 26 |
| Жал ми е за тебе, брате, Јонатану! Колку многу ти ми беше мил! Твојата љубов ми беше уште почудесна од женската. |
| 27 |
| Ох, како загинаа јунаците, и како е скршено бојното оружје!” |
|
| Зачувајте Белешки |
https://beblia.bible:81/BibleAudio/macedonianmkb1999/2samuel/001.mp3
24
1