Ова се последните Давидови зборови: Слово на Давида, Јесеевиот син, збор на човек кој беше високо воздигнат, на помазаникот на Јакововиот Бог, на пејачот на Израелевите песни:
Да, мојата куќа стои цврсто пред Бога: Тој склучи вечен Завет со мене, во сè добро уреден и утврден. Да, Тој ќе направи да напреднува сето мое спасение и секоја моја желба.
По него доаѓа Елеазар, синот Додонов, Ахоховец, еден од тројцата јунаци; тој беше со Давида кај Пас Дамин кога се собраа таму Филистејците за бој, а Израелците се повлекоа пред нив.
Ама тој се држеше цврсто додека раката не му се здрви и остана како зарастена со мечот. Господ даде голема победа во оној ден, па војската се врати со Елеазара, но само за да го собере пленот.
Еднаш тројцата од триесетмина тргнаа на пат и во почетокот на жетвата дојдоа кај Давида во Одоламската Пештера, кога една филистејска чета беше влогорена во Рефаимската Долина.
Тогаш тие тројца јунаци продреа низ филистејскиот логор и, откако нацрпија вода од витлеемскиот кладенец што е кај вратата, му ја донесоа и дадоа на Давида. Ама Давид не сакаше да ја пие, туку ја излеа пред Господа,
зборувајќи: „Господ да не ми даде да го направам тоа! Зар да ја пијам крвта на овие луѓе? Та излагајќи го животот на гибел, донесоа вода!” И не сакаше да пие. Ете, тоа го направија тие три јунаци.
Ависај, Јоавовиот брат а синот Серуин, беше војвода над триесетмина. Тој мавташе со копјето против три стотини, ги погуби и се прослави меѓу триесетмината.
Синот Јодаев Венаја, јунак од Кавсеила, богат со јуначки дела, му ги уби двата сина на Ариел од Моав; тој во еден снежен ден слезе и уби лав сред јамата.
Уби и некој Египетец, крупен човек. Египетецот имаше копје во раката, а тој излезе пред него со стап: истргнувајќи му го на Египетецот копјето од раката, го уби со неговото копје.