И царот му кажа на војводата Јоав, кој беше при него: »Обиколи ги сите племиња Израилеви и Јудини од Дан до Вирсавија, и пребројте го народот, за да знам, колку народ има.«
Јоав му рече на царот: »Господ, Бог твој, да го умножи народот толку, колку што е, и уште стократно толку, и очите на господарот мој царот да го видат тоа; но зошто мојот цар – господар го бара тоа сега?«
Јоав му го предаде на царот списокот за народното пребројување; и излезе, дека Израилци имаше осумстотини илјади мажи, силни, способни за војна, а Јудејци – петстотини илјади.
И откако Давид го преброи народот, срцето му затрепка. И му рече Давид на Господа: »Тешко згрешив, што постапив така; и сега Ти се молам, Господи, прости му го гревот на Твојот слуга, зашто јас постапив многу неразумно.«
И дојди Гад при Давида, му соопшти и рече: »Одбери си, глад ли да биде во земјата твоја седум години, или три месеци да бегаш од непријателите свои, и тие да те гонат, или, пак, три дни да владее помор во твојата земја? Сега размисли и реши, што да Му одговорам на Оној, Кој ме испрати.«
Давид му одговори на Гад: »Многу ми е тешко; но нека паднам во рацете на Господа, зашто големо е Неговото милосрдие; само да не паднам во човечки раце.« И Давид избра помор во времето на пченичната жетва.
И испрати Господ помор врз Израилците од утрината до определеното време. И помор почна во народот и умреа од народот, од Дан до Вирсавија, седумдесет илјади души.
И Ангел Божји ја испружи раката своја над Ерусалим, за да го опустоши; но Господ се покаја за злото и му кажа на Ангелот, кој го поразуваше народот: »Доста, сега спушти ја раката своја.« А Божјиот Ангел тогаш беше при гумното на Евусеецот Орна.
Кога Давид го виде Ангелот, кој што го поразуваше народот, Му рече на Господа, велејќи: »Ете, јас згрешив, јас пастирот постапив беззаконо; но овие овци што направиле? Затоа Твојата рака нека се сврти против мене и против татковиот ми дом.«
Орна праша: »Зошто дошол мојот цар – господар при својот слуга?« Давид му одговори »Да го купам од тебе гумното, за да изградам жртвеник на Господа, та да престане поморот во народот.«
Орна му рече на Давида: »Господарот мој, царот, нека земе и принесе жртва што му е по волја. Ете, воловите за сепаленица, и колата и уредите за впрегнување на воловите – за дрва.
Но царот му рече на Орна: »Не, јас ќе ти платам, колку што чини, и нема да му принесам на Господа, мојот Бог, жртва, земена како дар.« И Давид го купи гумното и воловите за педесет сикли сребро.
Давид изгради таму жртвеник на Господа и принесе сепаленици и мирни жртви. Подоцна Соломон го прошири жртвеникот, бидејќи беше мал. И Госопод се смилостиви над земјата и поморот кај Израилците престана.