И царот им заповеда на Јоав и на војводите кои беа со него: „Посетете ги сите Израелеви племиња од Дан до Вирсавеа и изброите го народот, за да знам колку народ има.”
Јоав му одговори на царот: „Господ, твојот Бог, нека му даде на Својот народ уште стопати толку колку што го има сега, и тоа нека го види мојот господар цар, ама зошто мојот господар цар има таква желба?”
Ама царскиот збор беше посилен од зборовите на Јоава и на војводите на неговата војска. Така Јоав и војводите отидоа од кај царот за да го избројат Израелскиот народ.
Потоа Давида почна да го пече совеста зашто даде да се брои народот, па му рече на Господа: „Многу згрешив дека го направив тоа! Ама, Господи, прости му ја таа вина на својот слуга, зашто постапив крајно неразумно.”
Така Гад дојде кај Давида и му го соопшти ова: „Сакаш ли да дојдат три гладни години во твојата земја, или да бегаш три месеци пред своите непријатели кои ќе те гонат, или да има три дни помор во твојата земја? Сега размисли и гледај што да Му одговорам на Оној, Кој ме пратил!”
Давид му одговори на Гад: „На голема мака сум! Но нека паднеме во рацете на Господа, зашто е големо Неговото милосрдие, а нека не паднам во човечки раце!”
И така Давид го избра поморот. Токму беше време на пченичната жетва. Господ пушти помор на Израел од утрото па до одреденото време; и поморот удри по народот, и умреа седумдесет илјади луѓе од Дан до Вирсавеа.
Кога ангелот ја протегна својата рака на Ерусалим за да го уништи, на Господа му се сожали заради тоа зло, па му рече на ангелот кој го убиваше народот: „Доста е сега! Повлечи ја својата рака!” А Господовиот ангел беше токму кај гумното на Евусеецот Орнан.
Кога Давид го виде ангелот кој го убиваше народот, извика кон Бога: „Еве, јас згрешив, јас направив зло! А тие, овците, што скривија? Твојата рака нека падне врз мене и врз моето семејство!”
Орнан праша: „Зошто мојот господар цар дојде кај својот слуга?” А Давид одговори: „За да го купи од тебе ова гумно, за да Му изгради жртвеник на Господа, па да прекрати поморот во народот.”
Орнан му рече на Давида: „Мојот господар и цар нека го земе и нека жртвува она што е добро во неговите очи! Еве говеда за паленици, млатови и волска спрема за дрва!
Но царот му одговори на Орнан: „Не, туку сакам да купам од тебе и да платам; нема да Му принесувам на Господа, својот Бог, паленици што ми се подарени.” И така Давид ги купи гумното и говедата за педесет сребрени сикли.