Додека одев со сите Израелеви синови, дали му реков еден збор на некој од израелевите судии, на кои им заповедав да бидат пастири на Мојот израелски народ, и дали кажав: ‘Зошто не ми изградите дом од кедрово дрво?’”‘
Затоа сега речи му го ова на Мојот слуга Давид: ‘Господ над Воинствата зборува вака: „Јас те доведов од стадото на овците, за да бидеш водач над Мојот израелски народ.
Ќе му одредам место на Својот израелски народ, ќе го посадам, за да живее на свое место и да не скита веќе наоколу, ниту злосторниците да го мачат како порано,
тогаш кога одредив судии над Својот израелски народ. Јас ќе му прибавам мир од сите негови непријатели. Господ ќе те направи голем, Господ ќе ти подигне дом.
И кога ќе се исполнат твоите денови и кога ти ќе починеш при своите татковци, ќе издигнам твој потомок по тебе, кој ќе се роди од твоите бедра, и ќе го зацврстам неговото царство.
Па и тоа е уште премало во Твоите очи, Господи Боже, та и даваш Свои ветувања на куќата на Својот слуга за далечна иднина, и тоа е по законот човечки Господи Боже!
Постои ли макар еден народ на земјата како Твојот израелски народ, заради кого Бог отиде да го избави за Свој народ, за да си прославиш така име со големи и страшни чуда, изгонувајќи ги кривобожечките племиња пред Својот народ, што го откупи од Египет?
Зашто Ти, Господи над Воинствата, Израелев Боже, му го откри ова на Својот слуга: Јас ќе ти подигнам дом. Затоа Твојот слуга најде храброст за да Ти се помоли со оваа молитва.
Благоволи сега да го благословиш домот на Својот слуга, за да остане довека пред Тебе. Зашто кога Ти, Господи Боже, ќе ветиш и ќе благословиш, куќата на Твојот слуга ќе биде благословена засекогаш.”