Потоа му порача на јудејскиот цар Јосафат: „Моавскиот цар се побуни против мене. Сакаш ли со мене во војна против Моавците?” Јудејскиот цар одговори: „Сакам! Јас како ти, мојот народ како твојот народ, моите коњи како и твоите коњи.”
Но Јосафат му рече: „Нема ли тука Господов пророк за да Го прашаме Господа преку него?” Тогаш одговори еден од слугите на израелскиот цар: „Тука е Елисеј, синот Сафатов, кој ги полеваше со вода Илиевите раце.”
Но Елисеј му рече на израелскиот цар: „Што имам јас со тебе? Побарај ги пророците на твојот татко и пророците на твојата мајка!” Израелскиот цар му одговори: „Не! Зашто Господ ги повика овие три цара за да ги предаде во рацете на Моавците.”
Елисеј одговори: „Живиот ми Господ над Силите, Кому Му служам, кога не би гледал на јудејскиот цар Јосафат, не ќе ти обрнував внимание, ниту ќе погледнев на тебе.
Зашто Господ вели вака: ‘Не ќе почувствувате ветер ниту ќе видите дожд, а оваа долина ќе се наполни со вода. И ќе пиете вие, вашиот ситен и крупен добиток.’
Вие ќе ги заземете сите утврдени градови, ќе ги исечете сите плодни дрва, ќе ги затрупате сите извори и ќе ги запустите најдобрите полиња: ќе ги посеете со камења.”
Но кога стигнаа до израелскиот логор, Израелците се кренаа и ги разбија Моавците, така што овие избегаа пред нив. А Израелците се стрчаа за да ги дотолчат Моавците.
Им ги разорија градовите, секој фрлаше по камен на најдобрите ниви за да ги наполнат, ги засипаа изворите и ги исекоа сите плодни дрва. Конечно, остана само градот Кир Арасет; праќкарите го опколија и го биеја.
Кога моавскиот цар виде дека не ќе ја издржи битката, зеде со себе седум стотини луѓе вооружени со мечеви, се обиде да се пробие и да дојде до едомскиот цар, ама не успеа.
Тогаш го зеде својот син првенец, кој требаше да го наследи, и го принесе како паленица на ѕидот. Тоа им се згади толку на Израелците та отидоа од нив и се вратија во својата земја.