Елисеј ја посоветува жената на која и го оживеа синот: „Стани, тргни со своето семејство и засолни се како туѓинка каде и да било, зашто Господ пушти глад; веќе дојде во земјата за седум години.”
И кога му раскажуваше на царот за воскресението на детето, ете ја жената на која Елисеј и го оживи синот; таа му се обрати на царот заради својата куќа и за својата нива. А Гиезиј рече: „Господару цару, еве ја онаа жена, и еве го нејзиниот син, кого Елисеј го оживеа.”
Царот ја праша жената, и таа му раскажа сè. Тогаш царот даде еден слуга, кому му нареди: „Нека и се врати сè што е нејзино, и сите приходи од денот кога ја напушти земјата до денес!”
Тогаш царот му рече на Азаила: „Земи со себе подарок па оди пред Божјиот човек. И прашај Го Господа преку него, за да научам дали ќе се излечам од оваа болест.”
Азаил отиде пред Елисеја и му донесе подарок од сè што беше најдобро во Дамаск, сè тоа натоварено на четириесет камили. Дојде тој и застана пред него и рече: „Твојот син Вен-Адад, арамејскиот цар, ме праќа кај тебе и прашува дали ќе оздрави од онаа болест.”
Азаил рече: „Зошто плачеш, господару мој?” Елисеј одговори: „Затоа што ги знам сите зла што ти ќе им ги направиш на Израелците: ќе им ги изгориш тврдините, со меч ќе ги истепаш нивните млади луѓе, ќе ги сотираш нивните деца, а ќе ги распаруваш трудните жени.”
Азаил рече: „Но што е твојот слуга? Зар е пес за да направи такви страшни работи?” Елисеј одговори: „Во едно Господово откровение те видов тебе како арамејски цар.”
Јорам отиде во Саир, и со него сите бојни коли. Се крена ноќе и ги погуби Едомците, кои ги опколија него и заповедниците на бојните коли. Народот избега во своите шатори.
На Охозиј му беа дваесет и две години кога се зацари, а царуваше една година во Ерусалим. Мајка му се викаше Готолија, а му беше ќерка на израелскиот цар Амриј.
Царот Јорам се врати во Езраел за да се лечи од раните што му ги нанесоа во Рама, кога се бореше со арамејскиот цар Азаил. Јорамовиот син Охозиј, јудејскиот цар, слезе во Езраел за да го посети Ахавовиот син Јорам, зашто Јорам беше болен.