Некои Гадовци преминаа кон Давида во тврдината во пустината, храбри јунаци, воини, вешти на бој, вооружени со штит и со копје; лицата им беа како лавски, а беа брзи како срни по горите:
Тоа се оние кои во првиот месец преминаа преку Јордан, кога се разлеа преку сите свои брегови, и кои ги растераа сите жители од длабоките долини на исток и на запад.
Давид излезе пред нив и, откако проговори, им рече: „Ако доаѓате со мир кај мене за да ми помогнете, моето срце ќе се соедини со вашето; ако дојдовте за да ме предадете на моите непријатели, Бог на нашите татковци нека види и нека суди, зашто нема неправда врз моите раце!”
Тогаш духот го опфати Амасај, началникот над триесетмината, и тој рече: „Тебе, Давиде! Со тебе, Јесеев сине, мир! Мир со тебе, мир со оној кој ти помага, зашто твој помошник е твојот Бог!” Така Давид ги прими и ги постави меѓу војводите над четите.
Некои од Манасиевите синови преминаа кај Давида кога одеше со Филистејците во бој против Саула, но не им помогна, зашто филистејските кнезови, откако размислија добро, го отпуштија, велејќи: „Би можел да премине кај својот господар Саул, а тоа ќе нè чини главите.”
И така кога се враќаше во Сиклаг, преминаа кај него од Манасиевото племе: Адна, Јозавад, Едијаил, Михаил, Јозавад, Елиуј и Салтај, главатари илјадници во Манасиевото племе.
Од Исахаровите синови, кои умееја да го разберат своето време и да сознаат што треба да направи Израел; двеста нивни главатари. Сите нивни браќа им беа подложени.
Сите тие војници, подредени во бојни редови, дојдоа со чесно срце во Хеврон за да го зацарат Давида над сиот Израел; и сите други Израелци беа еднодушни за да го постават Давида за цар.
Нивните најблиски соседи, сè до Исахар, Завулон и Нефталим, донесуваа храна на ослиците, на камилите и на мазгите, а со воловите јадења: брашно, смоквени низаници, суво грозје, вино, масло, крупен и ситен добиток изобилно, зашто беше веселба во Израел.