Откако ги собра свештениците и левитите, им рече: „Излезете по јудејските градови и собирајте од сите Израелци сребреници за да биде обновен Домот на вашиот Бог, од година до година, а вие побрзајте со таа работа.” Ама на левитите не им се брзаше.
Затоа царот го повика главатарот Јодај и му рече: „Зошто не бараш од левитите да го донесуваат од Јудеја и од Ерусалим данокот што го одреди Господовиот слуга Мојсеј и Израелевиот собир, за Шаторот на сведоштвото?
Зашто нечесната Готолија и нејзините синови го ограбија Божјиот Дом, и сите работи што му беа посветени на Господовиот Дом ги употребија за вааловците.”
Левитите го донесуваа Ковчегот во царското надгледувалиште и кога ќе се видеше дека има многу сребреници доаѓаа царевиот тајник и повереникот на свештеничкиот главатар за да го испразнат Ковчегот. Тогаш пак го однесуваа и го ставаа на неговото место. Така правеа секој ден и собраа многу сребреници.
Тогаш царот и Јодај им ги даваа на настојниците над работата околу Господовиот Дом, а тие најмуваа за плата каменоресци и дрводелци за да биде обновен Господовиот Дом, па ковачи, кои умеат да работат со железо и бронза за да се поправи Господовиот Дом.
А кога свршија сè, ги донесоа пред царот и пред Јодај сребрениците што останаа; од тоа направија посатки за Господовиот Дом, посатки за служење, за паленици, кадилници и други златни и сребрени предмети. Палениците беа принесувани во Господовиот Дом непрекратно додека живееше Јодај.
Јудејците беа го оставиле Господа, Бога на татковците, и почнаа да им служат на ашерите и на ликовите; Божјиот гнев дојде на Јудејците и на Ерусалимците за таа кривица.
Тогаш Божјиот Дух го исполни Јодаевиот син Захариј, кој, застанувајќи повисоко од народот, рече: „Бог вели вака: ‘Зошто ги прекршувате Господовите заповеди? Зошто не сакате да бидете среќни? Како што вие го оставивте Господа, така ќе ве остави и Тој.’”
Кога помина година време, се подигна против него арамејската војска и, напаѓајќи на Јуда и на Ерусалим, ги погуби сите кнезови во народот и му го испрати сиот плен на царот во Дамаск.
Иако арамејската војска беше мала по луѓе, сепак Господ и ја предаде во рацете мошне бројната војска, зашто Го оставија Господа, Бога на своите татковци. Така му се одмаздија Арамејците на Јоаса.
Кога си отидоа од него, оставајќи го во тешки болести, неговите стотници се побунија против него зашто го уби синот на свештеникот Јодај, па и тие го убија него на постела, та загина; го погребаа во Давидовиот Град, но не го закопаа во царската гробница.
А за неговите синови и за големото пророштво против него, за обновата на Божјиот Дом, сè е запишано во Толкувањето на Свитокот на царевите. На неговото место зацари син му Амасиј.