1
А направи и бакарен жртвеник: дваесет лакти долг, дваесет лакти широк и десет лакти висок.
2
И направи излеано море – од едниот крај негов до другиот десет лакти – целиот круг, висок пет лакти, а наоколу при врвот – триесет лакти;
3
наоколу под него од сите страни имаше излеано образи воловски; на десет лакти наоколу морето го опколуваа два реда волови, излеани заедно со него.
4
Тоа стоеше врз дванаесет вола: три гледаа кон север, три гледаа кон запад, три гледаа кон југ и три гледаа кон исток, а морето врз нив одозгора: заднините пак им беа свртени навнатре под морето.
5
Дебелината му беше колку една дланка, а краиштата негови, направени како краишта на чаша; прилегаа на расцутен крин. Тоа собираше три илјади бата.
6
Направи и десет мијалници и постави пет десно и пет лево, за да мијат во нив – го миеја во нив приготвеното за сепалениците; а морето – за свештениците, за да се мијат во него.
7
Направи и десет златни светилници, какви што требаше да бидат, и ги постави во храмот – пет десно и пет лево.
8
Направи и десет трпези и ги постави во храмот – пет десно и пет лево; направи и сто златни чаши.
9
Направи уште и свештенички двор, и голем двор, и врати кон дворот, и стожерите им ги опкова со бакар.
10
Морето го постави на десната страна, кон југоисток.
11
И направи Хирам котли, лопатки, чаши, кадилници и сите жртвени садови. И ја сврши Хирам работата, што ја вршеше за царот Соломон во Божјиот дом:
12
два столба и два појаса околу врвовите врз столбовите и две мрежи, за да ги покриваат двата појаса околу капителите, што беа врз столбовите,
13
и четиристотини нарови на двете мрежи – два реда нарови за секоја мрежа, за да ги покриваат двата појаса околу врвовите врз столбовите.
14
Направи и подножја, направи и мијалници над подножјата;
15
едно море и дванаесет волови под него,
16
и котли и лопатки, и виљушки; целиот тој прибот Хирам му го направи на царот Соломона за домот Господов од измазнет бакар.
17
Царот ги излеа во глинена земја во околината на Јордан, меѓу Сокхот и Саридата.
18
Соломон ги направи сите тие предмети во големо множество, така што не се знаеше мерката на бакарот.
19
Тогаш ги направи Соломон и сите други предмети за Божјиот дом: и златен жртвеник, и трпези за лебовите на предложението,
20
и светилници, и кандилата нивни, за да ги палат според уредбите пред Свјатаја Свјатих, – од чисто злато;
21
и цвеќенца, и кандилца, и машички од злато, од најчисто злато,
22
и ножеви, и росилници, и чаши, и пепелници од најчисто злато; и храмовите порти – внатрешните порти за Свјатаја Свјатих, и храмовите порти за светилиштето – од злато.
Macedonian Bible 1990
Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016 Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016