Така беше доведена кон крај работата што Соломон ја сврши за Господовиот Дом. Соломон ги внесе сите свети дарови на татака си Давида - среброто, златото и сите посатки - и ги стави во ризницата на Божјиот Дом.
Тогаш Соломон ги свика во Ерусалим сите Израелеви старешини, племенските кнезови и семејните главатари, за да се пренесе Ковчегот на Господовиот Завет од Давидовиот Град, односно од Сион.
Потоа царот Соломон и сета израелска заедница што се собра кај него жртвуваа пред Ковчегот толку овци и говеда што не можеа да се избројат ни да се оценат.
Свештениците го донесоа Ковчегот на Господовиот Завет на неговото место, во Дебирот на Домот, односно во Светината над светините, под крилата на херувимите.
Сите левитски пејачи, Асаф, Јеман и Једутун со синовите и со браќата, стоеја облечени во тенко платно, со кимвали, со псалтири и со гуслиња, источно од жртвеникот, а со нив сто и дваесет свештеници кои трубеа во труби.
И додека свиреа и пееја сложно како еден и едногласно Го фалеа и Го славеа Господа, подигајќи го гласот покрај трубите, кимвалите и покрај другите свирки, фалејќи Го Господа „зашто е благ и зашто е вечна Неговата љубов”, облак го исполни Господовиот Дом.