|
| 1 |
|
| Јов ја продолжи својата беседа и рече: |
|
| 2 |
|
| „О да можам да ги проживеам минатите месеци, оние денови кога Бог бдееше над мене. |
|
| 3 |
|
| Кога Неговиот светилник светеше над мојата глава, а Неговата светлина ме водеше низ темнината, |
|
| 4 |
|
| како во годините на мојата зрелост, кога Божјата добрина беше над мојот дом. |
|
| 5 |
|
| Кога Сèдржителот уште беше со мене и моите деца ме опкружуваа, |
|
| 6 |
|
| кога моите нозе ги миев во млеко, а мојот камен излеваше потоци масло! |
|
| 7 |
|
| Кога излегував над градската врата и ја поставував својата столица на раскрсницата, |
|
| 8 |
|
| откако ќе ме видеа, младите се криеја; старците откако ќе станеа, стоеја, |
|
| 9 |
|
| првенците го прекратуваа разговорот и ја ставаа раката на својата уста. |
|
| 10 |
|
| Гласот на началниците стивнуваше сосем, јазикот им се залепуваше за непцето. |
|
| 11 |
|
| Секој што ме слушаше, ме наречуваше блажен, ме фалеше окото, што ќе ме видеше. |
|
| 12 |
|
| Зашто, го избавував бедниот кога викаше и сиракот оставен без помош. |
|
| 13 |
|
| Благословот на изгубените беше врз мене, јас му ја враќав веселбата на срцето на вдовицата. |
|
| 14 |
|
| Се облекував во правдата како со облека, беспристрасноста ми беше наметка и венец. |
|
| 15 |
|
| Бев очи на слепиот и бев нозе на хромиот. |
|
| 16 |
|
| Татко на бедните, застапник на странците. |
|
| 17 |
|
| Го разгледував внимателно делото на непознатиот, му ги кршев челустите на беззаконикот, го истргував пленот од неговите заби. |
|
| 18 |
|
| Велев: „Ќе издивнам во своето гнездо, како палма, проживувајќи безбројни денови.” |
|
| 19 |
|
| Моите корења се простираат до водата, росата почива на моите гранки. |
|
| 20 |
|
| Мојата слава ќе се подмладува секогаш, и лакот ќе се обновува во мојата рака. |
|
| 21 |
|
| Слушаа желно што ќе им кажам, и молчеа за да чујат совет од мене. |
|
| 22 |
|
| Ништо не додаваа на моите зборови, и моите беседи капеа како дожд врз нив. |
|
| 23 |
|
| Тие копнееја по мене како по дожд, отвораа уста како за летен пороен дожд. |
|
| 24 |
|
| Мојата насмевка им беше охрабрување; внимаваа на ведроста на моето лице. |
|
| 25 |
|
| Јас им ги избирав патиштата, јас ги предводував како поглавар, како цар кога е среде своите чети, како оној кој ги теши јадосаните. |
|
|
|
|