|
| 1 |
|
| Склучив завет со своите очи, дека нема да погледнат на ниедна девица. |
|
| 2 |
|
| А што ми досуди Господ одозгора, какво ми е наследството од Сèдржителот? |
|
| 3 |
|
| Па, не е ли несреќата за нечесниот, а неволјата за оние што прават зло? |
|
| 4 |
|
| Не ги гледа ли Тој сите мои патишта, не ги брои ли Тој сите мои чекори? |
|
| 5 |
|
| Зар одев, кога и да било, во друштво со лагата? Зар мојата нога брзаше кон измама? |
|
| 6 |
|
| Нека ме измери Бог врз права мерка, па ќе ја види мојата непорочност! |
|
| 7 |
|
| Ако мојот чекор се отстрани некогаш од патот, ако моето срце го следеше окото, и ако срамно дело ми ги извалка рацете, |
|
| 8 |
|
| друг нека го јаде тоа што сум го посеал, нека ги искорени сите мои подници. |
|
| 9 |
|
| Ако моето срце се завело по некоја жена, ако дебнев некогаш зад вратата на својот ближен, |
|
| 10 |
|
| тогаш мојата жена нека меле на друг, нека ја подели својата постела со друг! |
|
| 11 |
|
| Со тоа би направил бесрамно дело, злостор на кој правдата треба да му пресуди. |
|
| 12 |
|
| Би запалил оган што жеже до пропаст и што би ја изгорел сета моја едногодишна жетва. |
|
| 13 |
|
| Ако некогаш го презрев правото на својот слуга или слугинка, кога спореа со мене, |
|
| 14 |
|
| што ќе направам кога Бог ќе стане? Што ќе одговорам кога ќе побара сметка? |
|
| 15 |
|
| Зар Тој не нè создаде двајцата во утробата и нè создаде еднакво во мајчиното крило? |
|
| 16 |
|
| Дали се правев дека не ги слушам молбите на сиромашните или ги расплакав вдовичините очи? |
|
| 17 |
|
| Дали го јадев некогаш сам својот залак, а да не го делев со сирачето? |
|
| 18 |
|
| Па, од младоста му бев како татко, го водев од мајчиното крило! |
|
| 19 |
|
| Зар го гледав безкуќникот без облека или некој беден без покривка, |
|
| 20 |
|
| а неговите бедра да не ме благословија мене, кога се стопли со руното на моите овци? |
|
| 21 |
|
| Ако кренав рака против невин, знаејќи дека мојот бранител е при вратата, |
|
| 22 |
|
| моето рамо нека се откорне од плеќката и нека ми отпадне раката од лактот! |
|
| 23 |
|
| Зашто Божјите ужаси би паднале врз мене и не би можел да устојам пред Неговото величество. |
|
| 24 |
|
| Зар надежта ја ставив во златото или му реков на златото: „Сигурност моја!” |
|
| 25 |
|
| Зар се радував на големо богатство, на богатствата што ги спечалија моите раце? |
|
| 26 |
|
| Зар - гледајќи го сонцето како блеска и како месечината патува по сјајното небо, |
|
| 27 |
|
| моето срце се зазеде потајно да им испратам бакнеж со раката? |
|
| 28 |
|
| Тоа ќе беше грев што вика по суд, бидејќи би се одрекол од Сèвишниот Бог. |
|
| 29 |
|
| Зар се зарадував на неволјите на непријателите и ликував кога го снајде зло, |
|
| 30 |
|
| јас, кој не го остави јазикот да греши, проколнувајќи го и сакајќи да умре? |
|
| 31 |
|
| Не зборуваа ли луѓето на мојот шатор: „Па кого тој не го засити со месо?” |
|
| 32 |
|
| Никогаш странец не ноќеваше надвор, ја отварав својата врата на патникот. |
|
| 33 |
|
| Не ги криев своите гревови како Адам, не ја криев вината во своите гради. |
|
| 34 |
|
| Зашто се плашев од озборувањата на мноштвото и стравував од племенското презрение, па молчев не преминувајќи преку својот праг. |
|
| 35 |
|
| О, да имаше некој да ме сослуша! Јас го кажав својот последен збор: Сèдржителот нека ми одговори сега! Противникот нека ми напише оптужница, |
|
| 36 |
|
| и јас ќе ја носам на своето рамо, ќе го украсам челото со неа како со круна. |
|
| 37 |
|
| Ќе Му дадам сметка за своите чекори и ќе стапам пред Него како кнез.” |
|
| 38 |
|
| Ако мојата земја викаше против мене, ако со неа, плачеа нејзините бразди; |
|
| 39 |
|
| ако јадев плодови, без да платам, и ако ги јадосав нејзините орачи, |
|
| 40 |
|
| нека расте троскот на неа, место жито, и место јачмен нека расте какол насекаде! - Крај на Јововите зборови. |
|
|
|
|