|
| 1 |
|
| „И така, чуј, Јове, што ќе ти кажам, наведни го увото кон моите беседи. |
|
| 2 |
|
| Ете, ја отворив својата уста, а јазикот ми создава зборови под непцето. |
|
| 3 |
|
| Моето срце ќе ти зборува искрено, усните ќе изречат чиста вистина. |
|
| 4 |
|
| Па и мене Божјиот Дух ме создаде, здивот на Сèдржителот ме оживе: |
|
| 5 |
|
| ако можеш, противстави ми се ти; подготви се да ми се спротивиш! |
|
| 6 |
|
| Ете, како и ти, и јас сум пред Бога, како и ти, бев создаден од глина; |
|
| 7 |
|
| затоа јас нема да те ужасувам со страв, мојата рака нема да те притисне. |
|
| 8 |
|
| И така, на мои уши рече - сосем јасно ги чув твоите зборови: |
|
| 9 |
|
| „Невин сум и без никаков грев; прав сум и нема вина врз мене, |
|
| 10 |
|
| но Тој нашол обвинување против мене и ме смета за Свој непријател. |
|
| 11 |
|
| Ги стави моите нозе во клади, Тој внимава на секој мој чекор.” |
|
| 12 |
|
| Тука, ти велам, не си во право, зашто човек не може да се мери со Бога. |
|
| 13 |
|
| Па зошто се препираш со Него? Тој не дава отчет ниту за едно од Своите дела. |
|
| 14 |
|
| Господ ни зборува нам еднаш и двапати, но човекот не обрнува внимание на тоа. |
|
| 15 |
|
| Во соништата, во ноќните виденија, кога длабок сон ги совладува луѓето и додека сонуваат цврсто на леглата, |
|
| 16 |
|
| тогаш Тој му зборува на увото на човекот, и го плаши со морничави привиди, |
|
| 17 |
|
| за да го одврати од неговите дела, да ја обори гордоста во човекот, |
|
| 18 |
|
| да ја спаси неговата душа од јамата и неговиот живот да не падне од меч. |
|
| 19 |
|
| Тој го кара, на леглото, со болест, кога коските му се тресат непрекратно. |
|
| 20 |
|
| Кога лебот му се гади на неговиот живот и најдоброто јадење на неговата душа. |
|
| 21 |
|
| Кога неговото тело гине очигледно и му се гледаат оголените коски. |
|
| 22 |
|
| Кога душата му се приближува до гробот, а неговиот живот кон гласниците на смртта. |
|
| 23 |
|
| Тогаш, ако не се најде ангел покрај него, еден посредник меѓу илјада, за да го спомени човекот на должноста, |
|
| 24 |
|
| па се сожали над него и рече: „Избави го, за да не слезе во јамата; најдов откупнина за неговиот живот! |
|
| 25 |
|
| Нека му процвета телото со младост, нека се врати во младечки денови!” |
|
| 26 |
|
| Му се помолува на Бога и Бог го послушува: Тој го погледнува радосно во лицето; му ја враќа на човекот неговата праведност. |
|
| 27 |
|
| Тогаш човекот ќе погледне на луѓето, велејќи: „Грешев и го изопачував правото, но Бог не ме казни. |
|
| 28 |
|
| Тој ми ја спаси душата од гроб и мојот живот се радува на светлината.” |
|
| 29 |
|
| Ете, Бог го прави сè тоа двапати и до трипати за човекот, |
|
| 30 |
|
| за да ја спаси неговата душа од гробот и да му го осветли животот со светлина. |
|
| 31 |
|
| Внимавај, Јове, послушај ме добро; молчи, зашто уште не доискажав сè. |
|
| 32 |
|
| Ако имаш уште зборови, одговори ми, говори - со задоволство би те оправдал тебе, |
|
| 33 |
|
| ако немаш, послушај ме само, внимавај, и ќе те научам на мудрост. |
|
|
|
|