×

Свето Писмо (Гаврилова) 1990

Јов 5

1
»Ајде викај! Има ли кој да ти одговори? Кон кого од светиите мислиш да му се обрнеш?
2
Вистина, гневот го убива глупавиот, раздразнетоста го погубува безумниот.
3
Видов како глупавиот се закоренува, но веднаш проклетството на домот негов падна.
4
Децата негови се далеку од спасение, нив ќе ги бијат кај портите; зашто ќе нема кој да ги заштити.
5
Жетвата негова ќе ја изедат гладните, низ трњето ќе ја извлечат; жедните ќе го голтнат имотот негов.
6
Не, жалоста не излегува од земјата, нити злото изникнува од нивата;
7
човекот се раѓа, за да страда, како и искрите – за да летаат угоре.
8
Но јас би се обрнал кон Бога и делото свое пред Бога би го поставил.
9
Он создава дела големи и неиспитливи, чудни и без број,
10
и дава дожд на земјата и им испраќа вода на полињата;
11
понизените ги издигнува на високо, и натажените ги утешува и ги спасува.
12
Он го урива она што лукавите го градат, рацете нивни не го довршуват започнатото.
13
Он ги фаќа мудрите со нивното лукавство, и замислата на итрите се осуетува;
14
Среде бел ден запаѓаат во темнина; попладне одат со пипање, како ноќе.
15
Он го спасува сиромавиот од меч, од устата нивна и од раката на силниот.
16
И за сиромавиот има надеж, а неправдата сама ја затвора устата своја.
17
Блажен е оној човек кого Бог го вразумува. Затоа не ја отфрлувај казната од Вседржителот,
18
зашто Он нанесува рани и Самиот ги преврзува; Он поразува, и Неговите раце лекуваат.
19
Од шест беди ќе те избави и во седмата зло нема да те стигне.
20
Во време на глад ќе те спаси од смрт, и во војна – од силата на мечот.
21
Од камшикот на јазикот ќе се сокриеш, и нема да се уплашиш од опустошувањето – кога ќе дојде.
22
На опустошувањето и на гладот ќе им се потсмееш, од ѕверовите земни нема да се уплашиш, –
23
зашто си во сојуз со камењата полски, а полските ѕверови се во мир со тебе.
24
Ќе дознаеш дека шаторот ти е во безопасност, ќе си ја гледаш куќата и нема да згрешиш.
25
Ќе видиш, оти семето ти е многубројно, дека филизите твои се како трева на земјата.
26
Ќе легнеш во гроб кога ќе стигнеш до зрелост, како што се редат житните снопја.
27
Ете, тоа сме го испитале: вистината е жива; затоа чуј го сето ова и запомни го добро.«
Macedonian Bible 1990
Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016 Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
:
Зачувајте белешки