|
| 1 |
|
| Благословувај Го, душо моја, Господа, Господи, Боже мој, ти си севозвеличил; во слава и велелепие си се облекол; |
|
| 2 |
|
| Ти си се облекол во светлина како со облека, си го прострел небото како шатор; |
|
| 3 |
|
| со вода си ги покрил Твоите дворови, облаците си ги направил за да одиш по нив, кога се движиш – ветрот Ти служи како крилја. |
|
| 4 |
|
| Ветровите ги правиш Свои гласници, а слугите Свои огнен пламен. |
|
| 5 |
|
| Ти си ја поставил земјата на цврсти основи: таа нема да се разниша никогаш. |
|
| 6 |
|
| Си ја покрил со бездна како со облака, води ќе стојат на горите. |
|
| 7 |
|
| Од Твојата закана тие бегаат, од гласот на Твојот гром се бојат; |
|
| 8 |
|
| се издигаат горите, се спуштаат долините, на места што си им ги определил. |
|
| 9 |
|
| Си поставил граница преку која нема да преминат, ниту ќе се вратат да ја покријат земјата. |
|
| 10 |
|
| Си управил извори во долините: меѓу горите течат води, |
|
| 11 |
|
| ги напојуваат сите полски ѕверови; дивите осли ја гаснат жедта своја. |
|
| 12 |
|
| При нив живеат птици небесни, меѓу камењата пуштаат глас. |
|
| 13 |
|
| Ти ги напојуваш горите од своите височини, од плодовите на Твоите дела се наситува земјата. |
|
| 14 |
|
| Ти правиш да расте трева за добитокот и растение за потреба на луѓето, за да произведат леб од земјата |
|
| 15 |
|
| и виното што го весели срцето на човекот, и елејот од кој блеска лицето негово, и лебот што го закрепнува срцето на човекот. |
|
| 16 |
|
| Се заситуваат дрвјата по полето, кедрите ливански, што си ги посадил; |
|
| 17 |
|
| на нив птиците си прават гнезда, елките им се живеалишта на штрковите. |
|
| 18 |
|
| Високите гори – на срните; камењата – прибежиште на зајаците. |
|
| 19 |
|
| Он ја создал месечината да ги определува времињата, сонцето го знае својот запад. |
|
| 20 |
|
| Спушташ темнина, и настанува ноќ: тогаш излегуваат сите горски ѕверови; |
|
| 21 |
|
| лавовите рикаат за плен и бараат од Бога храна за себе. |
|
| 22 |
|
| Изгрева сонцето, а тие се собираат и легнуваат во своите легла; |
|
| 23 |
|
| човекот излегува по своја работи и работи до вечерта. |
|
| 24 |
|
| Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сѐ си направил премудро; земјата е полна со Твои созданија. |
|
| 25 |
|
| А тоа море е големо и пространо; таму се движат безброј лазачи, мали и големи животни; |
|
| 26 |
|
| таму пловат кораби, таму е чудовиштето што си го создал да игра во него. |
|
| 27 |
|
| Сите тие од Тебе чекаат да им дадеш храна навреме. |
|
| 28 |
|
| Им даваш – примаат, ја отвораш раката Своја – се наситуваат со блага; |
|
| 29 |
|
| го одвратиш ли лицето Свое – се збунуваат, им го одземеш ли духот нивни – умираат и во земјата своја се враќаат. |
|
| 30 |
|
| Го праќаш ли духот Свој – се создаваат; Ти го обновуваш лицето на земјата. |
|
| 31 |
|
| Нека пребива славата на Господа вечно; нека се весели Господ за делата Свои! |
|
| 32 |
|
| Погледнува ли кон земјата, и таа се тресе; се допре ли до горите, тие димат. |
|
| 33 |
|
| Ќе му пеам на Господа преку целиот мој живот, ќе му пеам на мојот Бог сѐ додека постојам. |
|
| 34 |
|
| Нека Му биде мила беседата моја! ќе се веселам во Господа. |
|
| 35 |
|
| Нека ги снема грешниците од земјата, и беззаконици да нема веќе! Благословувај Го, душо моја, Господа! Алилуја! |
|
|
|
|