×

БИБЛИЈА (Свето Писмо) MKB 1999

Псалми 40

1
Јас се надевав цврсто во Господа, и Тој се наведна кон мене и го послуша мојот повик.
2
И ме извлече од јамата на гибелта, од тињата и калта; ги стави моите нозе врз карпа, ги закрепи моите чекори.
3
Во мојата уста стави нова песна, фалба на нашиот Бог. Мнозина ќе видат и ќе се исплашат: и ќе се надеваат на Господа.
4
Блажен е оној човек, чија надеж е во Господа, и не е склон кон горделивите, ниту кон оние што отстапуваат лажно.
5
О Господи, Боже мој, Ти твориш многу чудеса и замисли чудни - Ти нема рамен! Сакам да ги кажувам и да ги објавувам, Но премногу се за да можат да бидат преброени.
6
Не Ти се мили ни жртвите ни приносите, туку ми ги отвори ушите; не бараш паленица ни покајнички принос.
7
Тогаш реков: „Еве, доаѓам! Во книжниот свиток пишува за мене;
8
мило ми е, Господи, да ја исполнувам Твојата волја, јас го носам Твојот закон длабоко во срцето.”
9
Ќе ја проповедам Твојата правда во големо собрание; и нема да ги затворам моите усни; о Господи, сè Ти е познато.
10
Нема да ја кријам Твојата правда во срцето, ќе раскажувам за Твојата верност и за Твоето спасение. Нема да ги тајам ни Твојата добрина, ни Твојата вистина во големото собрание.
11
А Ти, о Господи, не ми ја скратувај Твојата добрина; Твојата милост и Твојата вистина нека ме чуваат секогаш.
12
Зашто ме опкружија безбројни зла, моите беззаконија ме стигнаа, така што не можам да гледам; ги има повеќе од влакната на мојата глава, и затоа моето срце се онемошти.
13
Господи, благоволи да ме избавиш; Господи, побрзај да ми помогнеш!
14
Нека се засрамат и нека се збунат сите, што ја бараат гибелта на мојата душа. Нека се повлечат и нека се посрамат, оние, кои се радуваат на мојата несреќа!
15
Нека се скаменат во својот срам, оние, кои ми велат: „ха, ха!”
16
Нека се радуваат и нека се веселат во Тебе, сите, кои Те бараат! Нека зборуваат секогаш: „Господ е величествен!” Сите, кои го љубат Твоето спасение.
17
Јас сум беден и ништожен, но Господ се грижи за мене. Ти си моја помош и мој спасител; о Боже мој, не задоцнувај!
Macedonian Bible (MKB) 1999
Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands
:
Зачувајте белешки