1
Боже, дај му го Твоето правосудство на царот и Твојата правда на царскиот син.
2
За да му суди праведно на Твојот народ, на бедните според праведноста!
3
Нека планините му донесат мир на народот, а брежињата правда.
4
Ќе им суди право на угнетуваните, ќе им донесе спасение на децата на бедните, а насилниците ќе ги сотре.
5
Нека се бојат од Тебе, додека трае сонцето, и месечината, низ сите поколенија.
6
Ќе слезе како роса врз тревата, како дожд што ја напојува земјата!
7
Во Негово време ќе цветаат правдата и големиот мир - сè додека постои месечината.
8
И Тој ќе владее од море до море, и од Реката (Еуфрат) до границите на светот.
9
Оние што живеат во пустината, ќе клекнат пред него, и противниците ќе го лижат правот.
10
Царевите на Тарсис и на островите ќе Му донесуваат подароци, владетелите на Арабија и на Сева ќе Му донесуваат данок.
11
Сите владетели ќе Му се поклонуваат, сите народи ќе Му служат.
12
Тој ќе го спаси бедниот што воздивнува, угнетуваниот, што нема помошник;
13
ќе им се смилува на немоќниот и бедниот, и ќе му го спаси животот на страдалецот:
14
Ќе ги ослободи од неправдата и насилствата, зашто нивната крв е скапоцена во неговите очи.
15
Затоа нека живее! Нека Го даруваат со злато од Арабија, нека се молат за Него секогаш и нека Го благословуваат преку цел ден!
16
Нека има изобилство на жито во земјата, класјето по врвовите нека шуми како кедровите Либански! И нека цветаат градските жители како трева на ливадата.
17
Неговото име нека е благословено довека! Неговото име се зголемува. Додека сонцето трае, со Него ќе бидат благословувани сите племиња на земјата, сите народи ќе го наречуваат блажен!
18
Благословен да е Господ, Израелевиот Бог, Кој единствен твори чудеса!
19
И благословено да е Неговото славно име довека! Нека се исполни целата земја со Неговата слава! Така нека биде. Амин!
20
Со тоа завршуваат молитвите на Јесеевиот син Давид.
Macedonian Bible (MKB) 1999
Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands