Си помислив во срцето да го веселам телото со вино, додека срцето сè уште се раководи од мудроста; посакав да ја прегрнам и лудоста, како би дознал дали ги усреќува луѓето она што го прават под небесата за време наизброените денови на својот живот.
И што да ми посакаа очите, не им скратував, ниту му бранев на моето срце некаква веселба, туку моето срце му се радуваше на секој мој труд, и таква му беше наградата на секој мој напор.
Затоа си реков во себеси: „Каква е судбината на лудиот, таква ќе ми е и мене. Зошто тогаш да сум помудар од другите?” И реков во срцето: „И тоа е суета!”
Кој знае дали тој ќе биде мудар или луд? Па сепак тој ќе биде господар на сета моја мака во која ги вложив сето свое напрегање и мудроста под сонцето. И тоа е суета.
Зашто човекот се труди мудро и со знаење и успешно, па сè тоа треба да го остави во наследство на друг, кој воопшто не се трудел околу тоа. И тоа е суета и големо зло.
Тој му дарува мудрост, сознавање, радост на оној што Му е по волјата, а на грешникот му дава мака да собира и да натрупува за оној кој е по Божја волја. И тоа е суета и тежина на духот.