БИБЛИЈА (Свето Писмо) MKB 1999
|
| 1 |
| Видение на Исаија, синот Амосов, што го имаше за Јудеја и за Ерусалим, во деновите на Озиј, Јоатан, Ахав и Езекија, јудејски цареви. |
| 2 |
| Чујте, небеса, послушај, земјо, зашто говори Господ: „Ти ги воспитав, ги подигнав, синовите, ама тие се одметнаа од Мене. |
| 3 |
| Волот го познава својот сопственик, а оселот јаслите на господарот - Израел не познава, Мојот народ не разбира.” |
| 4 |
| Ох, грешен ли народ, луѓе загазени во зло, злосторнички род, расипани синови! Го оставија Господа, Го презреа Израелевиот Светец, Нему Му ги свртија плеќите. |
| 5 |
| Па каде да ве удрам уште, кога и понатаму се бунтувате? Целата глава е болна, срцето изнемоштено; |
| 6 |
| од петицата до главата никаде здраво место, туку повреди, синила, отворени рани, ни очистени, ни завиткани, ниту заблажени со масло. |
| 7 |
| Земјата ви опусте, градовите оган ги спали, туѓинците ги ограбуваат вашите ниви, пред ваши очи - пустина, како разорена од туѓинци. |
| 8 |
| Сионската Ќерка остана како колиба во лозје, како полјачица во градина со краставици, како опсаден град. |
| 9 |
| Ако не ни беше оставил Господ над Воинствата Остаток, ќе бевме како Содом, слични на Гомор. |
| 10 |
| Чујте го Господовото слово, содомски главатари, послушај го Законот на нашиот Бог, гоморски народе! |
| 11 |
| „Зошто ми е мноштвото ваши жртви? - говори Господ. - Сит сум од овенски паленици и од мрсното на згоените телиња. И крвта Ми се згади од бикови, јагниња и јариња. |
| 12 |
| Кога доаѓате да Ми го видите лицето, кој од вас бара да гази по Моите преддворја? |
| 13 |
| Прекратете да Ми носите ништожни приноси, темјанот го замразив. Млади месечини, саботи и собори - не поднесувам празнувања и беззаконија. |
| 14 |
| Вашите млади месечини и празници ги мразам од сета душа - тешки Ми се, не можам да ги поднесам! |
| 15 |
| Кога ги ширите рацете за молитва, Јас ги одвраќам очите од вас. Само ги множите молитвите, Јас не ве слушам. Рацете ви се натопени во крв, |
| 16 |
| измијте се, очистете се. Отстранете ги од пред Моите очи нечесните дела, престанете да правите зло! |
| 17 |
| Учете се на добри дела: стремете се кон правдата, притекнете му на помош на угнетуваниот, помогнете му на сирачето до правдата, заземете се за вдовицата.” |
| 18 |
| „И сега дојдете, да бидеме прави, говори Господ. Ако ви бидат гревовите како црвено сукно, ќе бидат бели како снег; ако бидат румени како пурпур, ќе станат како волна. |
| 19 |
| Ако сакате да Ме послушате, ќе уживате во земните плодови. |
| 20 |
| Ако истраете во бунтовството, ќе ве проголта меч.” Така зборуваше Господовата уста. |
| 21 |
| Како стана ти блудница, верна тврдино? Беше полна со правда, правдата престолуваше во неа, а сега - убијците. |
| 22 |
| Твоето сребро се претвори во троска, виното ти се разводни. |
| 23 |
| Твоите кнезови се одметнаа, се спријателија со крадци. Сите копнеат за поткуп, летаат по дарови. Му ја скратуваат правдата на сирачето, парницата на вдовицата не стига до нив. |
| 24 |
| Затоа вака зборува Господ, Господ над Воинствата, Израелевиот Јунак: „Ах, кога ќе се задоволам над противниците и кога ќе им се одмаздам на непријателите! |
| 25 |
| Кога ќе ја испружам раката на тебе, за да ја очистам твојата троска со киселина, за да ја отстранам од тебе секоја смеса! |
| 26 |
| Да ти поставам пак судии како некогаш, советници како во почетокот, па да те викаат Праведен Град, Тврдина на верноста.” |
| 27 |
| Праведен суд ќе го откупи Сион, а правдата неговите обратеници. |
| 28 |
| Отпадниците и грешниците ќе се скршат заедно, а ќе загинат оние, кои Го напуштаат Господа. |
| 29 |
| Да, ќе се срамите заради дабовите по кои копнеете сега, и ќе црвенеете заради градините во кои сега уживате. |
| 30 |
| Зашто, ќе бидете како даб со исушени лисја, и како градина во која нема вода. |
| 31 |
| Силниот ќе биде како коноп, а искрата негово дело, заедно ќе изгорат, а никој да ги згасне. |
|
| Зачувајте Белешки |
https://beblia.bible:81/BibleAudio/macedonianmkb1999/isaiah/001.mp3
66
1