×

БИБЛИЈА (Свето Писмо) MKB 1999

Исаија 25

1
Господи, Ти си мој Бог, Те величам, го славам Твоето Име, зашто спроведе чудесен наум, смислен од дамнина, вистински и верен,
2
зашто градот го претвори во куп камења, а утврденото место во урнатина. Непријателската тврдина веќе не е град, не ќе биде обновена довека.
3
Затоа Те слави силен народ, градот на силните племиња се бои од Тебе;
4
зашто Ти си му заштита на сиромашниот; прибежиште на бедниот во неволја; прибежиште од пороен дожд и засолниште од припек, зашто силничкиот гнев е како зимски пороен дожд;
5
како жега над сувата земја, Ти ја задушуваш вревата на непријателот, како припекот со сенката на облак, им прекрати на насилниците победничката песна.
6
И Господ над Воинствата ќе им приготви на сите народи на оваа гора гозба од мрсно месо, гозба со чисто вино, од сочна згуснетост, од стаено вино.
7
На оваа гора Тој ќе ја скине завесата која ги покриваше сите народи, покривката што ги покриваше сите племиња,
8
и ќе ја уништи смртта засекогаш. И Господ Бог ќе ја избрише солзата од секое лице - ќе го симне срамот на Својот народ од целата земја: Господ рече така.
9
И ќе се рече во оној ден: „Ете, Овој е нашиот Бог, во Него се надеваме, Тој нè спаси; Тој е Господ во Кого се надевавме! Да Му воскликнуваме и да се веселиме на Неговото спасение.”
10
Зашто Господовата рака почива на оваа гора! Моав е изгазен на своето место како што се гази слама на буниште.
11
Таму Тој размавнува со рацете, како што ги размавнува пливачот кога плива. Но Господ ја оборува неговата горделивост и кревањата на неговите раце.
12
Високата тврдина на твоите ѕидови Тој ја разурнува, ја фрла на земја, ја руши во прав.
Macedonian Bible (MKB) 1999
Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands
:
Зачувајте белешки