Тешко му на венецот, со кој се гордеат пијаниците Ефремови! Тешко му на свенатото цвеќе – негов гиздав украс – цвеќе среде наѓубрената долина на замаените од вино!
И со свенатото цвеќе – неговиот гиздав украс – цвеќе среде наѓубрената долина, станува истото, како што станува со смоквата, рано узреана: штом некој ќе ја види, веднаш ја зема в рака и ја каснува.
Но и тие се нишаат од виното и го збркуваат патот свој од сикер: свештеник и пророк се препнуваат од силни пијалоци; победени се од вино, избезумени од сикер, во гледањето се збркуваат во судењето се сопнуваат.
И стана во нив според словото Господово: заповед врз заповед, заповед врз заповед, правило врз правило, правило врз правило, тука малку, таму малку, – така што тие ќе отидат, ќе паднат ничкум и ќе се разбијат, ќе паднат во стапица и ќе бидат уловени.
Бидејќи говорите: »Сме склучиле сојуз со смртта и со пеколот сме направиле договор: кога ќе минува камшикот, кој поразува сѐ, тој нема да дојде до нас, оти лагата ја направивме наше засолниште и со измама ќе се прикриеме«, –
затоа вака вели Господ Бог: »Ете, Јас полагам во основата на Сион камен, – камен испитан, аголен, скапоцен, темелен: кој верува во него, нема да се посрами.
Зашто Господ ќе се крене, како на гората Ферасим; ќе се разгневи, како во Гаваонската долина, за да го изврши делото Свое, необично дело, и да ја заврши работата Своја, Своја чудна работа.
Не, откако ќе ѝ го израмни лицето, тој сее граор, распрскува ким или фрла пченица, на редови и јачмен во определеното место, а најпосле 'рж по сртовите.