И ќе бидеш понизен, ќе говориш како од под земја, и зборот твој ќе биде глув како говор од под прав, и гласот твој ќе биде како глас на оној што говори од стомак, и зборот твој ќе се шепоти од под правот.
И како сон, како ноќно видение во сон ќе биде мноштво од сите народи, што војуваат против Арил, од сите, излезени против него и тврдините негови, и од оние, што го притесниле.
И како што гладен сонува, дека божем јаде, но се разбудува, и душата му е празна; и како што жеден сонува дека божем пие, но се разбудува, и ете се мачи, и душата му е жедна: истото ќе стане и со множеството од сите народи, што војуваат против гората Сион.
И секое пророштво за вас е она исто, што се зборовите во запечатената книга, што му ја даваат на оној, кој знае да чита книга, и велат: »Прочитај ја«, а тој одговара: »не можам, зашто е запечатена.«
И рече Господ: »Бидејќи овој народ се приближува кон Мене со устата своја, и со јазикот свој Ме почитува, а срцето негово му останува далеку од Мене, и почитувањето нивно пред Мене е само научено човечко правило;
затоа, ете, Јас ќе постапам пак необично со овој народ, чудно и чудесно, така што мудроста на мудреците негови ќе загине, и разум во разумните нема да има.«
Тешко на оние што мислат да се сокријат во длабочината, за да го скријат кроежот од Господа, кои ги вршат делата свои во мрак и велат: »кој ќе нѐ види, и кој ќе нѐ дознае?«
Каква неразумност? Можеме ли да го сметаме грнчарот за глина? Ќе каже ли делото за оној што го направил: тој не ме направи? И ќе каже ли направеното за мајсторот свој: тој не разбира?
Зашто кога ќе ги види околу себе децата свои, дело на Моите раце, тој свето ќе го почита името Мое и свето ќе го почитува Светецот Јаковов, со трепет ќе стои пред Бога Израилев.