Ќе бидеш како сон, како ноќно видение: мноштво на сите народи што војуваат со Ариел и на сите оние кои завојуваа против него и против неговата тврдина и кои го притискаа отсекаде.
Ќе биде како кога гладниот сонува дека јаде, а се разбудува со празен желудник; и како кога жедниот сонува дека пие, па се разбудува - изнемоштен - со суво грло. Така ќе им се случи на многуте народи, кои војуваа против Сионската Гора.
Затоа секое видение ќе ви биде како зборови во запечатена книга: ако му биде дадена на некој што знае да чита, велејќи: „Ајде, читај го тоа!” - тој ќе одговори: „Не можам, зашто е запечатена.”
Господ рече: „Бидејќи овој народ Ми пристапува само со устата, и Ме почитува само со усните, а срцето му е далеку од Мене, и неговото почитување научено од човечки одредби,
затоа, еве, и натаму ќе постапувам чудно со овој народ - чудно и пречудно: и ќе пропадне мудроста на неговите мудреци, ќе потемнее умноста на неговите умници.”
Колкаво безумство! Дали се цени глината колку грнчарот, па делото да му рече на својот творец: „Тој не ме направи?” Или грнецот да му рече на грнчарот: „Тој не разбира ништо?”