×

Свето Писмо (Гаврилова) 1990

Исаија 32

1
Ете, царот ќе царува по правда, а кнезовите ќе управуваат по закон;
2
секој од нив ќе биде како заштита од ветар и засолниште за лошо време, како водни извори во степи, како сенка од висока карпа во жедна земја.
3
И очите на оние што гледаат нема да бида закривани; ушите на оние што слушаат, ќе внимаваат.
4
И срцето на лесномислените ќе умее да расудува; оние што говорат на нос, ќе говорат јасно.
5
Простакот нема повеќе да го нарекуваат чесен, а за подмолниот нема да велат дека е честит.
6
Зашто простакот говори глупости и срцето негово мисли на беззаконие, за да дејствува лицемерно и да искажува хула проти Господа, да ја лишува од леб душата на гладниот и да го одзема пиењето од жедниот.
7
Кај подмолниот и средствата се погибелни: тој прави стапици, за да го погуби сиромавиот со лажливи зборови, макар што сиромавиот и да е прав.
8
А чесниот мисли на чесното и цврсто стои во сѐ што е чесно.
9
Жени безгрижни, застанете, чујте го гласот мој; ќерки немирни, приклонете го увото кон зборовите Мои.
10
Уште една година и неколку дена, и ќе се ужаснете вие, безгрижни! Гроздобер нема да има и време за жетва нема да настане.
11
Стреснете се вие, безгрижни! Ужаснете се вие, невнимателни! Соблечете се, оголете се и крстот препашете го.
12
Ќе се бијат во гради за прекрасните полиња, за родната лоза.
13
Во земјата на народот Мој ќе растат трње и боцки; така ќе биде и во сите домови во градот што ликува;
14
зашто дворците ќе бидат оставени, шумниот град ќе биде напуштен; Офел и кулата ќе станат место пештери – прибежеште на диви осли и на стада што пасат.
15
Додека не се излие врз нас Духот одозгора, и пустињата не стане градина, и градината не почнат да ја сметаат за шума.
16
Тогаш ќе се воведе суд во таа пустиња, и правда ќе преуспева во плодоносното поле.
17
Дело на правдата ќе биде мирот, и плод на правосудството – спокојство и безопасност засекогаш.
18
Тогаш народот Мој ќе живее во мирни живеалишта и во безопасни села и во пребивалишта на блажените.
19
И град ќе паѓа врз гората; градот ќе слезе во долината.
20
Блажени сте вие, што сеете при сите води и што испраќате таму и вол и осел.
Macedonian Bible 1990
Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016 Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
:
Зачувајте белешки