Еве го Мојот Слуга, Кого Го држам за рака, Мојот Избраник, кон Кого благоволи душата Моја. Ќе го положам Духот Свој врз Него, и Он ќе им биде суд на народите;
Така вели Господ Бог, Кој ги создал небесата и нивното пространство, Кој ја раширил земјата со нејзините производи, Кој му дава здив на народот што е на неа, и дух на оние што одат по неа.
Нека издигне глас пустињата и нејзините градови, населбите, каде што живее Кидар; нека ликуваат оние што живеат во карпи, нека воскликнуваат од врвовите горски.
Ќе ги поведам слепите по пат, што тие не го знаат, ќе ги водам по нејзини патеки, темнината ќе ја направа светлина пред нив, а кривите патеки – прави: ете, што ќе направам Јас за нив, и нема да ги оставам.
Кој е толку слеп како што е Мојот слуга, и глув, како што е Мојот пратеник? Кој е толку слеп како што е возљубениот, кој е така слеп, како што е слугата Господов?
Но тоа е народ поробен и разграбен; сите тие се врзани во подземја и сокриени во темници; станале плен, и нема спасител, ограбени се, и никој не вели: врати го!
Кој го предаде Јакова на разурнување и Израилот – на грабачи? Не е ли тоа Господ, против Кого згрешивме? Тие не сакаат да одат по патиштата Негови, ниту го слушаат законот Негов.
А Он ја излеа врз нив јароста на Својот гнев и жестокоста на војната: ти ги опкружи со пламен од сите страни, но тие не забележуваа; гореше во нив, но тие не го разбраа тоа со срце.