×

Свето Писмо (Гаврилова) 1990

Исаија 44

1
А сега слушај, Јакове, слуго Мој, и ти, Израиле, кого Јас го избрав.
2
Вака вели Господ, Кој те создаде и те обликува, Кој ти помага од мајчината утроба: не плаши се, слуго Мој Јакове, и возљубен Мој, кого Јас го избрав;
3
зашто ќе излеам вода врз она што жедува, и потоци врз исушеното; ќе го излеам духот Свој врз твоето племе и благословот Свој – врз твоите потомци.
4
Ќе растат како трева крај извори, како врби крај водни потоци.
5
Еден ќе рече: »Јас сум Господов«, друг ќе се нарече со името на Јакова; а трет ќе напише со раката своја: »Јас сум Господов«, ќе се нарече со името Израилево.
6
Вака вели Господ, Царот на Израилот и неговиот Избавител, Господ Саваот: »Јас сум првиот, Јас сум и последниот; освен Мене нема Бог;
7
зашто кој е како Мене? Нека раскаже тој, да разгласи и по ред да Ми престстави сѐ од она време, кога го устроив древниот народ, нека го разгласат она што настапува и она што ќе биде…
8
Не бојте се и не плашете се: нели оддамна ти соопштив и престкажав? И вие сте Мои сведоци. Има ли Бог освен Мене? Не, друга никаква карпа не знам.«
9
Оние, што прават идоли, сите се ништожни, нивните најсакани не донесуваат никаква корист тие сами се сведоци во тоа. Тие не гледаат, ниту разбираат, и затоа ќе бидат посрамени.
10
Кој направил бог и излеал идол, што не донесува никаква корист?
11
Сите учесници во тоа ќе бидат посрамени, зашто и самите мајстори сепак се луѓе; сите тие нека се соберат и нека застанат; тие ќе се уплашат и сите ќе бидат посрамени.
12
Ковачот прави сечило од железо, со чекан го мазни и се труди над него со силната рака своја до толку, што прегладнува и премалува, не пие вода и изнемоштува.
13
Дрводелецот, откако ќе одбере дрво, влече по него линија, со остар алат го оцртува, потоа изработува лик на убав човек, за да го постави дома.
14
Сече кедри, зема бор и даб, кои ги одбира меѓу шумските дрвја, сади јасен, кого дождот го прави да расте.
15
И тоа му служи на човекот за оган, а дел од него употребува да се топли, да запали оган и да пече леб. А од него прави и бог и му се поклонува, прави идол и паѓа ничкум пред него.
16
Дел од дрвото изгорува во оган, со друг дел вари месо за јадење, си пече печено и јаде до наситување, а исто така се грее и вели: »добро е, се згреав; почувствував топлина.«
17
А од остатоците прави бог, свој идол, му се поклонува, паѓа ничкум пред него и му се моли и вели: »спаси ме, зашто ти си мој бог.«
18
Не знаат, ниту разбираат: Он им ги затворил очите, за да не гледаат, и срцата нивни – за да не разбираат.
19
И не го зема тоа при срце, ниту има до толку знаење и разум да каже: »половината негова ја изгорев на оган и на јагленот негов испеков леб, сварив месо и јадев; а од остатокот зар ќе направам одвратност, зар ќе се клањам на парче дрво?«
20
Разбери дека срцето на идол е од пепел; измаменото срце твое те довело во заблуда, и не може да ја ослободи душата своја и да рече: »нели е измама тоа што е во десната рака моја?«
21
Помни го тоа, Јакове и Израиле, зашто ти си Мој слуга; Јас те создадов; Мој слуга си ти, Израиле, не Ме заборавај.
22
Ќе ги избришам како магла твоите беззаконија, и твоите гравови – како облак; сврти се кон Мене, зашто Јас те откупив.
23
Веселете се, небеса, зашто Господ го направи тоа. Ликувајте, длабочини земни; шумете од радост, гори и шуми и сите дрвја во нив; зашто Господ го откупи Јакова и ќе се прослави во Израилот.
24
Вака вели Господ, Кој те откупи и Кој те обликува во мајчината утроба: Јас сум Господ, Кој сѐ создадов, Сам ги спрострев небесата и со силата Своја ја послав земјата.
25
Јас ги правам ништожни доказите на лажните пророци и на видело го изнесувам безумието на меѓесниците, Јас Кој ги враќам мудреците и знаењето нивно го обрнувам во лудост.
26
Го потврдувам зборот на Својот слуга и го извршувам изреченото од Моите пратеници, му велам на Ерусалим: »Ти ќе бидеш населен« и на градовите Јудини: »Вие ќе бидете изградени; и урнатините негови Јас ќе ги возобновам.«
27
Јас ѝ велам на бездната: »Исуши се!« И реките твои Јас ќе ги исушам.
28
Кој вели за Кира: »Тој е Мој пастир, и тој ќе ја исполни секоја волја Моја« и ќе му рече на Ерусалим: »Ти ќе бидеш одново изграден!« и на храмот »ти ќе бидеш основан!«
Macedonian Bible 1990
Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016 Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
:
Зачувајте белешки