Не плашете се, не бојте се: нели оддамна ви го навестив тоа и ви го открив? Вие сте Ми сведоци: има ли Бог освен Мене? Има ли Стена? Јас за друга не знам!’”
Секој што прави кипови, ништожен е, и неговите скапоцености не се полезни за ништо. Нивните сведоци не гледаат ништо и не знаат ништо, да им бидат за срам.
Ете, сите почитувачи на ликовите ќе бидат засрамени, нивните изработувачи повеќе од било кога. Нека се соберат сите и нека се појават: одеднаш ќе се исплашат и ќе се засрамат.
Дрводелецот зема мерка, го оцртува ликот со писалка, го истружува со длето, го заокружува со пергел и го изделкува по углед на човечкиот лик, како убаво човечко обличје, за да стои во куќата.
На човека му се добри за оган; ги зема да да се огрее; ги пали за да испече леб. Но од нив делка и бог, пред кого паѓа ничкум, прави идол и му се клања.
Таквиот не размислува, во него нема ни знаење ни разумност да си рече: „Со половината од ова запалив оган, испеков леб на жарта, го испржив месото што го изедов, па зар од останатото ќе направам гад? Зар ќе му се клањам на дел од дрво?”
Воскликнувајте, небеса, зашто Господ го направи тоа! Запејте, земни длабочини! Одекнувајте со радост, планини, и вие, гори, со сите свои дрва! Зашто Господ го откупи Јакова, се прослави во Израел!
Вака зборува Господ, твојот Искупител и твојот Творец во утробата: „Јас Сум Господ Кој Сум создал сè, Кој ги оптегна Сам небесата, и ја зацврстив земјата без ничија помош.
Јас ги осуетувам знаците на вражалецот, и маѓесниците ги претворувам во безумници; ги присилувам мудреците да се повлечат и нивната мудрост ја претворувам во безумие,
но го потврдувам словото на Својот слуга, го исполнувам наумот на Своите гласници. Јас му зборувам на Ерусалим: ‘Насели се!’ И на јудејските градови: ‘Изградете се!’ Јас ги издигам од урнатините.