Вака му вели Господ на Својот помазаник Кира: »Те држам за десната рака, за да ти покорам народи, и ќе ги симнам појасите од бедрата на царевите, за да ти се отворат вратите, и портите да не бидат затворени.
Росете, небеса, одозгора, и облаците нека изливаат правда; нека се раствори земјата и нека донесува спасение, заедно да произлегува и правдата. Јас, Господ, го правам тоа.
Тешко му на оној, кој се расправа со Создателот свој! Црепче од земни садови со други такви парчиња! Ќе му каже ли глината на грнчарот: ‚што правиш‘ и твоето дело ќе каже ли за тебе: ‚тој нема раце?‘
Вака вели Господ, Светецот Изралев и неговиот Творец: »Ќе ме прашате ли за иднината на синовите Мои и ќе сакате ли да ми се мешате во делото на рацете Мои?
Јас го подигнав во правда и ќе ги израмнам сите патишта негови. Тој ќе го изгради Мојот град и ќе ги отпушти заробените Мои не за откуп, ниту за дарови, вели Господ Саваот.
Вака вели Господ: печалбите на Египтјаните и трговијата на Етиопијците, и Савејците, луѓе силни, кон тебе ќе преминат и твои ќе бидат, во вериги ќе дојдат, ќе паднат пред тебе ничкум и ќе те молат, велејќи: само ти имаш Бог, и нема друг Бог.«
Зашто вака вели Господ, Кој го создаде небото, Он, Бог, Кој ѝ даде облик на земјата и Кој ја создаде; Он ја зацврсти, не ненадејно ја создаде; Он ја создаде за живеење. Он вели: Јас сум Господ, и нема друг.
Не говорев тајно Јас, не во темно место на земјата; не му реков на Јакововото племе: »напразно Ме барате.« Јас сум Господ, Којшто изрекува правда, Којшто ја открива вистината.
Соберете се и дојдете, приближете се сите, преживеани од народите. Неразбрани се оние, што го носат својот дрвен идол и се молат на бог, кој не спасува.
Објавете и кажете, откако ќе се посоветувате меѓу себе: кој го кажа тоа од стари времиња? Кој однапред го кажал тоа? Нели Јас, Господ? Нема друг Бог освен Мене, – Бог праведен и Кој спасува, нема освен Мене.