Јас, пак, реков: »Напразно сум се трудел, за ништо и попусто сум ја истрошувал силата Своја.« Но правото Мое е во Господа, и наградата Моја е во Мојот Бог.
А сега вели Господ, Кој уште од утробата ме направи слуга Свој, да го вратам кон Него Јакова, за да се собере при Него Израилот; а кога ќе се собереме, ќе се прославам во Господа и Мојот Бог ќе биде сила Моја.
И Он рече: »Малку е, тоа што Ти ќе ми бидеш слуга, за да се подигне племето Јаковово и да се поврати остатокот Израилев, туку Јас ќе те направам светило за народите, за да се рашири спасението од Господа до краиштата на земјата.«
Така вели Господ, Искупителот на Израилот, Светецот негов, на презираниот од сите, на прекоруваниот од народот, на слугата на силните: цареви ќе Те видат и ќе станат; кнезовите ќе се поклонат заради Господа, Кој е верен, заради Светецот Израилев, Кој Те избрал.
Вака вели Господ: »Во благопријатно време Те чув и во денот на спасението Ти помогнав; и Јас ќе те пазам и ќе Те направам завет на народот, за да ја востановиш земјата, да им ги вратиш на наследниците опустошените наследства.
Крени ги очите и погледај наоколу, – тие сите се собираат, доаѓаат кон тебе. Жив сум Јас! вели Господ, – со сите нив ќе се облечеш како со накит и ќе се промениш со нив како невеста.
И ти ќе речеш во срцето свое: кој ми ги роди? Јас бев бездетна и бесплодна, одведена во плен и оддалечена; но, кој ги одгледа – ете, јас си останувам сама; а тие каде беа?
Вака вели Господ Бог: »Ете, ќе ја кренам раката Своја кон народите, ќе го издигнам знамето Свое пред племињата, – и ќе ги донесат синовите твои на раце и ќерките твои – на раменици.
И царевите ќе бидат твои хранители, и нивните царици ќе бидат твои доилки; со лицето до земјата ќе ти се клањаат и ќе го лижат правот од нозете твои, и ќе дознаеш, дека сум Јас Господ, дека оние, што се надеваат на Мене, нема да се посрамат.
Да, така вели Господ: и секој заробен од исполин ќе биде одземен и грабежот од тиранинот ќе биде вратен; зашто Јас се борам со твоите противници и ќе ги спасам твоите синови;
ќе ги нахранам твоите угнетувачи со нивното сопствено месо, ќе бидат напоени со својата крв како со ново вино; и секое тело ќе дознае, дека Јас сум Господ, твој Спасител и твој Искупител, Силниот Бог Јаковов.