×

Свето Писмо (Гаврилова) 1990

Исаија 56

1
Вака вели Господ: пазете го правосудството и вршете правда; зашто е близу спасението од Мене и откровението на Мојата правда.
2
Блажен е човекот, кој го прави тоа и синот човечки, кој здраво се придржува за тоа, кој пази на саботата за да не ја оскверни и ја чува раката своја – за да не врши никакво зло.
3
Синот на другоплеменикот, кој се присоединил кон Господа, да не вели: »Господ сосема ме оддели од Својот народ«, и евнухот да не рече: »Ете, јас сум суво дрво.«
4
Зашто вака вели Господ за евнусите: »Оние што ги пазат Моите саботи и го избираат она, што Ми е Мене угодно, оние што цврсто се придржуваат за заветот Мој, –
5
ним ќе им дадам во домот Свој и во ѕидините Свои место и име подобро, отколку на синовите и ќерките: ќе им дадам вечно име, кое нема да биде истребено.«
6
И синовите на другоплемениците, што се присоединиле кон Господа, за да Му служат и да го сакаат името на Господа, да бидат слуги Негови, – сите кои ја пазат саботата да не ја осквернат и цврсто се придржуваат за заветот Мој,
7
Јас ќе ги одведам на Мојата света гора и ќе ги зарадувам во Мојот дом за молитва: сепалениците нивни и жртвите нивни ќе бидат благопријатни врз Мојот жртвеник, зашто Мојот дом ќе се нарече молитвен дом за сите народи.
8
Господ Бог, Кој ги собира распраснатите Израилци, вели: кон собраните кај Израилот ќе собирам и други.
9
Дојдете да јадете вие, сите ѕверови полски, сите ѕверови шумски!
10
Стражите нивни сите се слепи и неразумни: сите тие се неми пци, кои не можат да лаат, но лежејќи бладаат и кои сакаат да спијат.
11
Тоа се пци со ненаситна душа, кои не знаат ситост; и тоа се пастири неразумни: сите, од првиот до последниот, го гледаат својот пат, својата заработка:
12
»Дојдете – велат – ќе донесеме вино, ќе се напиеме сикер; и утре ќе биде истото она што и денес, дури и повеќе отколку денес.«
Macedonian Bible 1990
Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016 Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
:
Зачувајте белешки