Господ ќе ги испрати врз него бурните и големите води на реката – асирскиот цар со сета негова слава; ќе се надигне таа во сите свои ракави и ќе се излие преку сите свои брегови;
и ќе навлезе во Јудеја, ќе ја наводни и високо ќе се крене – ќе стигне до вратот; и раширените крила нејзини ќе бидат по целата ширина на Твојата земја, Емануиле!«
Здружувајте се, народи, но ќе бидете уништени, и внимавајте вие сите што сте далечни земји! Вооружувајте се, но ќе бидете победени; вооружувајте се, но ќе бидете уништени!
И кога ќе ви речат: »Обрнете се кон оние, што извикуваат мртовци, и кон маѓесници, кон бајачи и оние што говорат од стомак, тогаш одговарајте: не треба ли народот да се обрнува кон својот Бог? Се прашуваат ли мртви за живи?«
И ќе се загледаат угоре, и ќе погледаат кон земјата; и ете – скрб и мрак, густа темнина; и ќе бидат фрлени во темнината. Но нема секогаш да има мрак таму, каде што сега тој е згустен.