И ми рече Господ: да беа застанале пред лицето Мое дури Мојсеј и Самуил, душата моја пак немаше да се приклони кон тој народ; отерај ги од пред лицето Мое, нека си одат.
Ако, пак, те прашаат: »каде да одиме?« – кажи им: вака вели Господ – кој е за смрт, нека оди во смрт: и кој е за меч – под меч; кој е, пак, за глад – на глад; и кој е за ропство – во ропство.
И ќе испратам врз нив четири вида смрт, вели Господа: меч за да ги убива, кучиња, за да ги раскинуваат, небески птици, и полски ѕверови, за да ги изедуваат и истребуваат.
Ќе има кај нив вдовици многу повеќе од морскиот песок; ќе испратам врз нив, врз мајката на младичите, уништувач попладне, ненадејно ќе ги опфати страв и ужас.
Ќе изнемогне онаа што лежи, која родила седум, ќе го предава духот; уште во текот на денот ќе зајде сонцето нејзино; таа е смутена и посрамена. И другите од нив ќе ги предадам на меч пред очите на нивните непријатели, вели Господ.
»Тешко мене, мејко моја, зошто ме роди човек, кој се расправа и се кара со целата земја! Никому не сум давал со лихва и мене никој не ми давал, а сите ме проколнуваат.«
О Господи! Ти сѐ знаеш; сети се за мене и посети ме, и одмазди се за мене на моите гонители; според Своето долготрпение не погубувај ме; Ти знаеш дека заради Тебе поднесувам поруга.
Ги најдов зборовите Твои и ги проголтав; Твоето слово ми беше за радост и веселба на срцето мое; оти името Твое е призивано врз мене, Господи Боже Саваот.
Зошто е толку долготрајна болката моја, и раната моја е толку неизлечива, оти не се подавам ли на лекување? Зар Ти ќе бидеш за мене како лажлив извор, како неверна вода.
Затоа, вака рече Господ: ако се обратиш, ќе те поставам пак на нозе и ќе стоиш пред лицето Мое; и, ако извлечеш скапа работа од ништо, ќе бидеш како Мојата уста. Тие сами ќе се свртуваат кон тебе, а ти нема да се обрнуваш кон нив.
И за тој народ ќе те направам силен бакарен ѕид; тие ќе војуваат против тебе, но нема да те победат, бидејќи Јас сум со тебе, за да те спасувам и да те избавувам, вели Господ.