Еве, овие се зборовите во посланието што пророкот Еремија му го испрати од Ерусалим на Остатокот на заточението - на старешините, на свештениците и на пророците и на сиот народ, кого што Навуходоносор го одведе од Ерусалим во Вавилон,
Писмото беше испратено по Еласа, синот Сафанов, и по Гемариј, синот Хелкиин, кои што Седекиј, јудејскиот цар, ги испрати во Вавилон при Навуходоносор, вавилонскиот цар. Еве ја содржината:
Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: ‘Не оставајте да ве измамуваат вашите пророци, кои се меѓу вас, вашите гатачи! Не поведувајте се по соништата што тие ги сонуваат!
Зашто Господ зборува вака: ‘Токму кога на Вавилон ќе му се исполнат оние седумдесет години, Јас ќе ве посетам та ќе ви го исполнам доброто ветување за да ве вратам на ова место.
И ќе оставам да Ме најдете - зборува Господ, ќе ја изменам вашата судбина и ќе ве соберам од сите места каде што ве истерав, зборува Господ. И ќе ве вратам во местото откаде ве одведов на заточение.
Вака му зборува Господ на царот кој седи на Давидовиот престол, и на сиот народ што живее во овој град - на вашите браќа што не дојдоа со вас на заточение.
Вака зборува Господ над Војските: ‘Еве испраќам врз нив меч, глад и помор; ќе направам да бидат како расипани смокви, толку лоши што да не се за јадење.
И ќе ги гонам со меч, глад и помор, и ќе ги направам за ужас на сите земни царства, проклетство, страв, потсмев и срам за сите народи каде што ќе ги изгонам.
Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог, за Ахав, синот Колаин, и за Седекија, синот Масиин, кои ви пророкуваат лага во Мое Име: ‘Еве, ги предавам во рацете на Навуходоносор, вавилонскиот цар, за да ги погуби пред вашите очи.
И со нив како со клетва ќе се проколнуваат сите заточеници кои се во Вавилон: „Господ нека направи со тебе како со Седекија и Ахав, кои што вавилонскиот цар ги испече на оган,”
зашто направија срам во Израел, правејќи прељуба со жените на своите ближни и зборувајќи лажни зборови во Мое Име, што Јас не им ги заповедав. Јас го знам тоа, и сведок Сум за тоа’ - зборува Господ.
Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: ‘Ти во свое име му испрати писма на сиот народ што е во Ерусалим, и на свештеникот Софониј, синот Масиин, и на сите други свештеници:
„Господ те постави свештеник на местото на свештеникот Јодај за да бидеш надгледник, во Господовиот Дом, за секој безумник кој се прави пророк да го фрлиш во клади, со железо околу вратот.
„Испрати им ја на сите заточеници оваа вест: ‘Вака зборува Господ за Неламецот Семај: „Зашто Семај ви пророкува та ви буди измамливи надежи, иако Јас не го испратив,”
Господ зборува вака: „Ќе ги казнам Неламецот Семај, него и неговото потомство: никој не ќе му остане среде овој народ за да ја доживее среќата што ја подготвувам за Својот народ - зборува Господ - зашто проповедуваше буна против Господа.”‘“