Уште за Египет. Против војската на фараонот Нехаон, египетски цар, кој беше покрај реката Еуфрат, во Харкемис, и кого царот Навуходоносор го порази, во четвртата година на Јоаким, синот Јосиин, јудејскиот цар.
Ова е ден на Господа над Војските - ден на одмазда за да им се одмазди на Своите непријатели: мечот ќе се изнајаде, ќе се насити, ќе го смири гладот со нивната крв! Зашто Господ, Господ над Војските, има жртвен колеж во Северната Земја покрај брегот на Еуфрат.
Тој направи та мнозина се сопнаа, испаѓаа еден на друг. И ете, зборуваат: ‘На нозе! Да се вратиме при својот народ, во својата родна грутка, пред погубувачкиот меч!’
А и египетските наемници што како згоени телиња живееја и тие се свртија, се дадоа во бегство, не можат да устојат, зашто ги достасува Денот на пропаста, дојде време да бидат казнети.
Зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: „Еве ќе ги казнам: Тебискиот Амон, фараонот и Египет, и сите негови богови, цареви, фараонот и сите кои што се надеваат на него.
Ќе ги предадам во рацете на оние што им работат спроти глава, во рацете на Навуходоносор, вавилонскиот цар, и во рацете на неговите слуги. А после Египет пак ќе биде населен, како во старите времиња - говори Господ.
Не бој се Јакове, Мој слуго, не плаши се, Израелу! Зашто, еве, ќе те спасам од далеку, и твоето потомство од земјата на заточението. Јаков пак ќе се смири, ќе живее спокојно, и никој не ќе го плаши.
Не бој се Јакове, Мој слуго, - говори Господ - зашто Јас Сум со тебе. Ќе ги сотрам народите меѓу кои те заточив, а тебе нема да те уништам сосем: но ќе те казнам според правдата, нема да те оставам неказнет.”