Бегајте од Вавилон, секој нека го спаси својот живот, за да не изгине заради неговото беззаконие, зашто ова е време на Господовата одмазда, секому му плаќа според заслугата!
Го лечевме Вавилон, ама не се исцели. Да го пуштиме, да се вратиме секој во својот крај! Зашто неговата пресуда допира до небото и се дига под облаците.
Наострете ги стреличките, наполнете ги туловите! Господ го поттикна духот на медиските цареви, зашто намисли да го сотре Вавилон, Господова е тоа одмазда, одмазда за Неговиот Храм.
Развејте го знамето, вавилонски ѕидови! Зајакнете ги стражите! Поставете стражари! Разместете заседи! Зашто Господ што ќе намисли, сега тоа го врши како што им рече на жителите на Вавилон.
Кога ќе екне Неговиот глас, шумат водите на небесата, ги крева облаците од крајот на земјата: му создава молњи на дождот, го изведува ветерот од неговите засолништа.
Еве Ме врз тебе, Горо разурнувачка - говори Господ - разурнувачко на целиот свет! Ќе замавнам со раката против тебе, ќе те симнам од стрмната карпа, ќе те претворам во изгорена гора.
Подигнете го знамето во земјата, затрубете во рог меѓу народите! Подгответе ги народите против него, повикајте ги царствата против него - Арарат, Миниј, Асханаз! Поставете водач против него, коњите нека се нафрлат како влакнести скакулци!
Земјата ќе се тресе, ќе трепери, кога ќе почнат да се искачуваат кон Вавилон сите Господови намисли, за да ја претвори Вавилонската Земја во ненаселена пустина.
Вавилонските јунаци се откажаа од борбата, заседнаа во тврдините, ја снема нивната сила: станаа како жени. Изгорени се неговите домови, скршени се лостовите на вратите.
Зашто вака зборува Господ, Израелевиот Бог: „Вавилонската ќерка е како гумно во времето кога се гази по него; уште малку, и ќе и дојде времето на жетвата.
Ме изеде, ме сотре Навуходоносор, вавилонскиот цар, ме отфрли како празен сад, тој ме проголта како змев, го наполни желудникот, ме истера од мојот Еден.”
Ќе го казнам вавилонскиот Вал, ќе му го одземам од устата тоа што го голтнал. Народите веќе не ќе се собираат кај него, ќе се разурнат вавилонските ѕидови.
Нека срцето не ви ослабее! Не бојте се од гласовите што се шират низ земјата, една година вакви, друга - онакви, и дека во земјата владее насилство, та силник станува силник.
„Ќе му ги испијанам кнезовите и мудреците, војводите, намесниците и воините: за да заспијат со вечен сон па веќе да не се разбудат” - зборува Царот, Името Му е Господ над Воинствата.
Вака говори Господ над Војските: „Широките вавилонски ѕидови ќе бидат разурнати до основите, а неговата висока врата ќе биде спалена со оган. Напразно ќе се трудат народите, народите ќе се измачуваат за оган!”
Еве ја заповедта што пророкот Еремија му ја даде на Серај, синот Масиин, синот Нириин, кога Серај тргна во Вавилон со Седекија, јудејскиот цар, во четвртата година на неговото владеење. Серај беше голем постелник.