„Во она време - зборува Господ - ќе ги извадат од земјата коските на јудејските цареви, коските на нејзините кнезови, коските на свештениците, коските на пророците и коските на ерусалимските жители.
И ќе ги распрострат кон сонцето, кон месечината и кон сета небесна војска, кои ги љубеа, на кои им служеа, кои ги следеа, кои ги прашаа за совет и на кои им се поклонуваа. И не ќе ги соберат ни ќе ги погребат; ќе останат како гној по земјата.
Тогаш на оние што ќе останат од тие лоши племиња, по сите места каде што ќе ги распрснам, смртта ќе им биде помила од животот - слово е на Господа над Војските.
Внимавав и прислушкував: не зборуваат како што треба. Никој не се кае заради своето зло, и не вели: „Што сторив?” Секој се завртува по својот пат, како коњ што трча во бој.
Па и штркот под небото го знае своето време, грлицата, ластовичката и жеравот го пазат времето кога треба да се вратат. А Мојот народ не го познава Господовиот суд!
Затоа ќе им ги дадам нивните жени на странците, а нивните полиња на освојувачите. Зашто од најмалиот до најголемиот сите лакомат за плен, од пророкот до свештеникот сите се измамници.
Нека се засрамат дека направија гнасост, но тие веќе не знаат што е срам, не знаат веќе да зацрвенеат. Затоа ќе испаѓаат со оние што паѓаат, ќе се срушат кога ќе почнам да казнувам - зборува Господ.
Сакав на берба кај нив - Господово слово е - а тоа ни грозд на прачката, ни смоква на смоквата; дури и лисјата овенаа. Затоа ги предадов на оние што поминуваат покрај нив.”‘“
„Зошто чекаме уште? На собир! Да се вовлечеме во тврдите градови, за да изгинеме таму, зашто Господ, нашиот Бог, нè сотира, нè напојува со горчлива вода, зашто згрешивме против Господа.
Од Дан достигнува цвилењето на неговите коњи, од ‘ржењето на неговите нескопени коњи трепери сета земја. Доаѓаат да ја голтнат земјата и сè што ја исполнува, градот и жителите во него.”
Еве, викаат на помош ќерките на Мојот народ од далечна земја: „Зар Господ не е веќе на Сион? Неговиот цар?” „Зошто Ме разјарија со своите кипови, со туѓински ништожества?”