БИБЛИЈА (Свето Писмо) MKB 1999
|
| 1 |
| Како седи осамена престолнината, некогаш полна со народ; стана како вдовица, некогаш голема меѓу народите. Владетелката над покраините, сега поданичка. |
| 2 |
| Ноќите ги поминува плачејќи горко, со солзите ги покрива образите. Нема никого да ја утеши, од сите кои ја љубеа. Сите пријатели ја изневерија и и станаа непријатели. |
| 3 |
| Протеран е Јуда, во неволја е и на тешко заточение. Сега живее меѓу многубожците, не наоѓа починка. Сите гонители ја достигаат во теснините. |
| 4 |
| Сионските патишта тагуваат, зашто никој не доаѓа на прослави. Сите врати се разурнати, свештениците воздивнуваат, расплакани се неговите девици, а тој е полн со горчило. |
| 5 |
| Сега господарат неговите угнетувачи, непријателите ликуваат: Господ го ражалости заради неговите премногу гревови. Децата му отидоа на заточение пред угнетувачот. |
| 6 |
| Се повлече од Сионската Ќерка сета нејзина слава. Кнезовите и станаа како елени, кои не наоѓаат пасиште, немоќно одат тие пред гонителите. |
| 7 |
| Ерусалим си спомнува за деновите на бедата и скитањето, кога народот му падна во рацете на непријателот, а никој не му даде помош. Угнетувачите го гледаа смеејќи се на неговата пропаст. |
| 8 |
| Ерусалим згреши тешко, стана како женината нечистота. Сите што го почитуваа, сега го презираат: зашто ја видоа неговата голота. Тој само плаче и се свртува назад. |
| 9 |
| Скутовите му се извалкани, ни не сонуваше што го чека. Длабоко падна, а никој да го теши. „Погледај ја Господи, мојата неволја: зашто непријателот ликува.” |
| 10 |
| Непријателот посега со раката кон сите негови скапоцености. Гледаше како многубожците навлегуваат во неговото светилиште, оние на кои им го забрани и пристапот во Својот собир. |
| 11 |
| Сиот Негов народ воздивнува барајќи леб; сите даваат бесценети камења за храна, за да живнат повторно. Ете, Господи, погледај, зашто сум презрен! |
| 12 |
| Сите вие, кои поминувате по патот, погледајте и видете има ли болка каква што е болката со која сум погоден јас, со која Господ ме удри во денот на Својот жесток гнев! |
| 13 |
| Пушти оган од висината, го втера во моите коски. Пред ногата ми оптегна мрежа и така ме обори назад; ме растажи, ме ожалости за сите времиња. |
| 14 |
| Ме натовари со моите гревови, ги пристегна со Својата рака; ми ги навали врз вратот, ми ја одзеде силата. Господ ме предаде во нивните раце, не можам да се исправам. |
| 15 |
| Господ ги отфрли сите јунаци од мојата средина: го свика собранието против мене, за да ги уништи моите млади луѓе. Господ ме изгази во каца, девицата, Јудината ќерка. |
| 16 |
| Затоа треба да плачам, очите ми леат солзи, зашто е далеку од мене мојот утешител, за да ми го поврати духот. Моите синови се поразени, премногу силен беше непријателот. |
| 17 |
| Сион ја испружува раката, му нема утешител. Господ против Јакова повикува угнетувачи од сите страни; и така Ерусалим стана страшило меѓу нив. |
| 18 |
| Господ, Тој е праведен: зашто му се спротивставив на Неговиот збор. Ох, чујте сите народи, гледајте ја мојата болка: мои девици, мои млади луѓе, сите отидоа во прогонство! |
| 19 |
| Ги повикав сите свои пријатели, но тие ме измамија. Моите свештеници и старешините загинаа во градот барајќи храна, за да живнат повторно. |
| 20 |
| Погледај, Господи, во каква тешкотија сум, мојата утроба трепери, срцето ми се згрчува во градите, зашто јас упорно ти се противев! Надвор мечот ги покоси моите синови, а внатре смрт. |
| 21 |
| Чуј како стенкам: ми нема утешител! Сите непријатели чуја за мојата несреќа и ликуваат зашто го направи тоа! Дај да дојде денот што си го објавил, за да им биде ним како мене. |
| 22 |
| Сето нивно зло нека се покаже пред Твоето лице, а тогаш постапувај со нив како што си постапил со мене за сите мои гревови! Зашто само воздивнувам, а моето срце тагува. |
|
| Зачувајте Белешки |
https://beblia.bible:81/BibleAudio/macedonianmkb1999/lamentations/001.mp3
5
1