Подникот из’рта, стана бујна лоза, ниска на раст, нејзините подници посегнаа кон орелот, а нејзините корења беа под него; се разви во бујна лоза, потера подници, ги разгранчи прачките.
Имаше и друг орел, голем и со големи крила, со густи перја. И ете, лозата протегна корења кон него, кон него ги насочи своите гранчиња за да ја напои подобро од почвата во која што беше посадена.
Речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Дали таа ќе успее? Не ќе и ли ги олупи орелот сите корења? Не ќе и ли ги истрга сите плодови? Не ќе ли и се исушат сите прачки, штом ќе никнат? Да, и без силни мишки, и без мноштво народ, ќе ја откорне од коренот!
”Речи му на одметничкиот дом: ‘Зар не знаете што значи ова?’ Речи им: ‘Ете, Вавилонскиот цар дојде во Ерусалим, му ги зароби царот и сите кнезови, ги одведе кај себе во Вавилон.
Животот Ми Мој, говори Господ Бог: зашто го презре царот кој го постави на престол и дека го раскина сојузот со него ќе умре во неговата земја, среде Вавилон!
Со својата силна војска и со мноштво народ фараонот не ќе му помогне во бојот, кога оној ќе подигне насипи и ќе изгради опсадни стражарници, за да му сотре многу луѓе.
Господ Бог зборува вака: „Од врвот на големиот кедар, од врвчето на неговите млади гранчиња, ќе скршам гранче и ќе го посадам на висока гора, на највисоката.
На највисоката израелева гора, ќе го посадам него: тоа ќе пушти гранчиња, ќе роди со плод, и секаков вид птици ќе живеат под него, под сенките ќе се населат.
И сите полски дрва ќе знаат дека Јас Сум Господ, Кој го понижувам високото дрво, а на сувото дрво му давам да се раззеленува. Јас Господ, реков и ќе направам!”