со крвта, што си ја пролеал, се обвинуваш, и со идолите, што си ги направил, се осквернуваш себеси, се приближија деновите твои и достигна времето твое. Затоа ќе те предадам за потсмев на народите, за поруга на сите земји.
Кај тебе се зема поткуп, за да се пролева крв; ти земаш лихва и дарови и со сила изнудуваш добра од ближниот свој, а Мене Ме заборави, вели Господ Бог.
Како што во печка ги ставаат заедно среброто, бакарот, железото, оловото и калајот, за да раздуваат врз нив оган и да ги растопат, така во гневот Свој и во јароста Своја ќе ве кутнам, ќе ве ставам и ќе ве растопам.
Пророците нејзини се согласија како лав што рика, кој го раскинува пленот; тие јадат души, одземаат имоти и драгоцености и со тоа го умножуваат бројот на вдовиците.
Свештениците нејзини го нарушуваат Мојот закон и ги осквернуваат Моите светињи, не одвојуваат свето од несвето и не прават разлика меѓу чисто и нечисто; од саботите Мои ги покриваат очите свои, и Јас сум понизен меѓу нив.
Па затоа, ќе го излеам врз нив Моето негодување, со огнот на Мојата јарост ќе ги истребам, нивното лошо однесување ќе го свртам на главите нивни, вели Господ Бог.