Говори и кажи им – вака вели Господ Бог: еве, Јас сум против тебе Фараоне, цару египетски, голем змеју, кој лежиш по реките свои и велиш: ‚моја е реката и јас ја создадов заради себе.‘
Но Јас ќе ставам јадица во твоите челусти и на твоите лушпи; и ќе те извлечам од реките твои со сета риба на твоите реки, што се залепила на твоите лушпи;
ќе те фрлам во пустиња, тебе и сета риба од твоите реки; ти ќе паднеш на откриено поле; нема да те земат и соберат; ќе допуштам да те изедат ѕверовите земни и птиците небески.
И кога се фатија со раката своја за тебе, ти се раскина и целото нивно рамо беше избодено; и кога се потпреа на тебе, ти се скрши и им ги изнарани сите нивни бедра.«
И ќе ја направам земјата Египетска пустиња меѓу запустени земји; и градовите нејзини меѓу запустени градови, ќе бидат пусти четириесет години и ќе ги растурам Египтјаните меѓу народите и ќе ги распрснам по земјата.
И во иднина, тие нема да бидат потпора на домот Израилев, за да го спомнуваат нивното беззаконие, кога се обрнуваа кон него; и ќе познаат, дека Јас сум Господ Бог.«
»Сине човечки, Навуходоносор, царот вавилонски, ја истошти војската своја со големи работи при градот Тир: секоја глава оќелаве и секое рамо беше изнарането; но ни за него, ни за војската немаше награда од Тир за трудот што тој го употреби против него.«
Затоа, така вели Господ Бог: »Еве, Јас му ја давам на вавилонскиот цар Навуходоносор земјата Египетска, за да го собере богатсвото нејзино, да изврши грабеж во неа и да однесе сѐ, што грабела таа, и тоа ќе биде награда за неговата војска.