Зборувај и речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве ме, против тебе, фараону, египетски цару, голем крокодилу што лежиш сред своите реки. Ти рече: ‘Реките се мои, си ги направив за себе.’
И затоа ќе ти закачам јадица во вилицата и ќе ги залепам сите риби на твоите реки врз твоите стргунки. Ќе те извлечам од твоите реки, со сите риби на твоите реки, залепени врз твоите стргунки.
Ќе ве фрлам во пустината тебе и сите риби од твоите реки, ќе паднеш на отворено поле и никој не ќе те подигне, ниту ќе те погребе, на земските ѕверови и на небесните птици ќе те дадам за храна!
Затоа, еве Ме против тебе и против твоите реки, за да ја претворам Египетската Земја во пустина и запустеност од Мигдол до Севан и до етиопската граница!
Ќе направам пустина од Египетската Земја сред запустените земји, а нејзините градови ќе бидат урнатини четириесет години меѓу разурнатите градови. И ќе ги распрснам Египетците меѓу народите, и ќе ги расеам по земјите.”
Тоа ќе биде најмало од сите царства, за да не се издигне никогаш веќе над другите народи. Ќе го намалам така, што веќе никогаш нема да покори други народи,
и да не биде веќе надеж на Израелевиот дом. Нека му ги повикува во паметта гревовите што ги беше направил, свртувајќи се по нив. И тие ќе сознаат дека Јас Сум Господ.”‘“
”Човечки сине, вавилонскиот цар Навуходоносор тргна со војската во голем поход против градот Тир. И секоја глава се разголе и секое рамо се одра. Но ни тој ни неговата војска немаа никаква добивка од тоа што тргнаа против Тир.
Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Ете, ќе му ја предадам на Навуходоносор, вавилонскиот цар Египетската Земја, ќе и го одземе богатството, ќе награба плен и ќе ја ограби. Тоа ќе биде плата за неговата војска.