Потоа ме воведе во храмот и ги измери столбовите: по шест лакти широки од едната страна и по шест лакти широки од другата страна, колку што беше широка скинијата.
Вратите беа широки по десет лакти, а страните на вратите по пет лакти од едната и по пет лакти од другата страна, а должината на храмот четириесет лакти, додека широчината му беше дванаесет лакти.
Странични соби имаше триесет и три, соба под соба: тие се наоѓаа во ѕидот, што беше околу храмот што беше врска со него но не се допираа до ѕидовите на самиот храм.
И храмот сѐ повеќе се ширеше наоколу над станичните соби, зашто кругот негов се издигаше сѐ погоре и погоре наоколу, па затоа храмот беше многу поширок горе, оти искачувањето од долниот кат сѐ до горниот минуваше преку средниот.
Вратите на страничните соби водеа во слободниот простор, една врата кон северната страна, а другата врата кон јужната страна; ширината на тој слободен простор беше пет лакти наоколу.
Потоа ја измери должината на зградата пред плоштадот од задната страна со страничните одделенија од едната и од другата страна – по сто лакти, од внатрешноста на храмот и тремовите на дворот.
Праговите, прозорците решетчести и страничните соби наоколу, на сите три ката спроти праговите беа обложени со дрво од подот до прозорците; прозорците беа затворени.
Жртвеникот беше дрвен – три лакти висок и два лакта долг; и аглите негови и подножјата негови и страните негови беа од дрво; па ми рече тој – тоа е трпезата што е пред Господа.