Собите беа на три ката, а немаше такви столбови какви што имаше во дворовите, затоа тие и се направени потесни, спротивно на долните и средните соби, почнувајќи од подот.
А ходникот пред нив беше исто таков како и пред оние соби, што се свртени спрема север, со иста таква должина како и при нив, и исто таква ширина; и сите излези нивни и изработката нивна и вратите нивни беа исто такви како и при другите.
И ми рече тој: северните соби и јужните соби, што се наоѓаат пред плоштадот, се свети соби, во кои свештениците, што му се приближуваат на Господа, ги јадат најсветите жртви; само таму ги ставаат најсветите жртви и лебниот принос, жртвите за грев и жртвите за престап, оти тоа е свето место.
Кога влегуваат таму свештениците, тие не треба да излезат од тоа свето место во надворешниот двор, сѐ додека таму не ги остават своите одежди, со кои служеле, зашто тие се свештени одежди; треба да облечат други одежди, и тогаш да излезат пред народот.
Од сите четири страни тој го измери; околу него имаше ѕид долг петстотини трски и петстотини трски широк, за да го одделува светото место од несветото.