И Господ ми рече: „Оваа врата ќе биде затворена; нека не се отворува, и никој нека не влегува низ неа, зашто Јас, Господ, Израелевиот Бог, поминав низ неа - затоа нека биде затворена.
Господ ми рече: „Човечки сине, внимавај грижливо, гледај добро и слушај внимателно што ќе ти речам за сите уредби на Господовиот Дом и за сите Негови закони. Внимавај добро кој смее да влезе во Домот и кој е одделен од Светилиштето.
Воведувате туѓинци, со необрезано срце и со необрезано тело, та влегоа во Моето Светилиште и го обесветија Мојот дом додека вие ги принесувавте Мојот леб и мрсното и крвта, и така го раскинавте Мојот Завет, со сите тие расипаности.
Господ Бог зборува вака: „Ниеден туѓинец, со необрезано срце и со необрезано тело, веќе да не влегува во Моето Светилиште - ниеден туѓинец кој живее меѓу Израелевите синови.
Ќе служат во Светилиштето само како стражари при вратите на Домот и како прислужници во Домот: ќе му колат на народот паленици и други жртви и ќе му бидат на служба.
Им служеа пред нивните кипови и така го наведоа Израелевиот дом на беззаконие. Затоа ја подигнав раката против нив - говори Господ Бог - да го носат своето беззаконие.
Веќе не ќе пристапуваат кон Мене за да Ми служат како свештеници, и не ќе им приоѓаат веќе на Моите најсвети светини, туку ќе ја носат својата срамота и расипаностите што ги направија.
Свештениците левити, Садоковите потомци, кои Ми служеа верно во Моето Светилиште, кога Израелевите синови отскитаа од Мене - тие смеат да Ми пристапуваат кон Мене за да Ми служат: ќе служат пред Мене принесувајќи Ми мрсно и крв - говори Господ Бог.
Кога ќе влегуваат низ вратата на внатрешниот двор, нека облечат ленени облеки: нека нема врз нив ништо волнено кога ќе служат при вратата на внатрешното предворје и на Домот.
Кога ќе излегуваат во надворешниот двор кон народот, нека ги соблечат облеките во кои што служеа и нека ги остават во просториите на Светилиштето, а нека облечат други облеки, за да не го посветат народот со своите облеки.
Тие нека бидат судии во спорови: нека судат по Моите закони и нека ги чуваат законите и уредбите за сите Мои празници, и нека ги празнуваат Моите саботи.
Нека не пристапуваат кон мртовец, за да не се онечистат; смеат да се обесветуваат само за татко и за мајка, за син и за ќерка, за брат и за сестра уште немажена.