Така вели Господ Бог: »вратата на внатрешниот двор, свртена кон исток, треба да биде затворена во текот на шесте работни денови, а во саботниот ден да биде отворена, но и во деновите на новомесечијата треба да биде отворена.
Кнезот ќе мине низ надворешниот трем до вратата и ќе застане кај довратниците на таа врата; свештениците ќе ја извршуваат неговата сепаленица и неговата благодарствена жртва; и тој пред прагот на вратата ќе Му се поклони на Господа и ќе излезе, а вратата ќе остане отворена до вечерта.
А кога доаѓа народот од таа земја пред лицето на Господа во празнични денови, оној што ќе влегува низ северната врата за поклон, ќе треба да излезе низ јужната врата, додека оној што ќе влезе низ јужната врата, тој ќе треба да излезе низ северната врата: тој не треба да излегува низ истата врата низ која влегол, туку низ спротивната врата.
И во празничните денови и за време прославите за лебен принос треба да име по ефа на јунец и по ефа на овен, а за јагнињата колку што раката ќе му даде, како и елеј – по хин на ефа.
Ако, пак, кнезот по своја волја побара да принесе сепаленица или благодарствена жртва на Господа, тогаш нему ќе му се отвори вратата, свртена кон исток, и тој ќе ја принесе својата сепаленица и својата благодарствена жртва, онака како што се извршува во саботен ден, и потоа тој ќе излезе, но по неговото излегување, вратата ќе се затвори.
И лебен принос додавај кон него секое утро – по една шестина од ефа и по една третина од хин елеј, за да се покваси брашното; тоа е вечна наредба за лебниот принос на Господа, засекогаш.
Така вели Господ Бог: ако кнезот на некого од синовите свои му даде дар, тој дар треба да му е во наследство и на синовите негови; тоа нивно владение треба да биде наследствено.
Ако, пак, од наследственото свое му даде дар на некого од слугите свои, тој подарок ќе му припаѓа само до ослободувањето негово, а потоа тој ќе му се врати на кнезот. Само на неговите синови треба да остане наследството негово.
Но кнезот нема право да зема од наследствениот дел на народот, гонејќи ги луѓето од нивните владенија; само од своето владение тој може да дава на децата свои, та никој од народот Мој да не биде изгонет од неговото владение.«
И ме доведе тој до ходникот, што се наоѓаше откај вратите, во светите соби за свештениците, свртени кон север, а таму, ете, имаше едно место во дното кон запад.
И ми рече: »Ова е местото каде што свештениците треба да ја варат жртвата за престап и жртвата за грев, каде што треба да го печат лебниот принос, не изнесувајќи го во надворешниот двор, за осветување на народот.«